Директорот на Бирото за јавна безбедност, м-р Сашо Тасевски денеска во пресрет на Регионалната конференција на директори на полициски служби на тема „Борба против организиран криминал: предизвици и поддршка“ која се одржува во Скопје од 4 до 7 мај, оствари средба со Извршниот директор на Европската агенција за спроведување на законот – ЕВРОПОЛ, Катрин Де Бол, која ќе земе учество и на конференцијата чие отворање е утре.
На средбата одржана во Министерството за внатрешни работи, Тасевски и Де Бол разговараа за досегашната соработка помеѓу МВР и ЕВРОПОЛ и можностите за нејзино унапредување, а беа опфатени и теми како ефикасно управување со границите, спречување на илегалната миграција, состојбата со Украина и бегалците.
„Со влегувањето во сила на Договорот за оперативна и стратешка соработка помеѓу Република Северна Македонија и ЕВРОПОЛ, интензивирани се оперативните и стратешките активности за поголема застапеност и учество на нашата држава во активностите на ЕВРОПОЛ, сѐ со цел користење на услугите и продуктите на ЕВРОПОЛ од страна на релевантните надлежни органи во нашата држава. Оваа соработка сѐ повеќе и повеќе се зацврстува, а ги отсликува нашите напори во унапредување на регионалната соработка, како еден од приоритетите за придонес кон безбедноста и стабилноста на земјите во регионот, како и земјите на Европската Унија, што понатаму се рефлектира и на глобално ниво“, потенцираше директорот Тасевски во текот на разговорите.
Тој истакна дека воспоставувањето и проширувањето на пристапот до СИЕНА апликацијата, како безбеден канал за размена на информации до поголем број корисници во рамки на Министерството, што овозможува интензивирање на оперативната соработка со ЕВРОПОЛ, земјите членки и третите партнери за соработка. Според директорот Тасевски, ефикасната оперативна соработка меѓу другото е овозможена и со учество во аналитичките работни досиеја на ЕВРОПОЛ, каде МВР учествува во вкупно десет проекти од разни области на криминал. Од аспект на останатите теми, м-р Тасевски потенцираше дека безбедносната состојба на државните граници е стабилна, при што во 2021 година обидите за илегално преминување на границата бележат пад за 35% во споредба со 2020, а во насока на кризата со Украина се олеснети процедурите за влез, излез, регулација на престој во државата, како и барањата за привремен престој по основа на хуманитарни причини.
Извршниот директор на Европската агенција за спроведување на законот – ЕВРОПОЛ, Катрин Де Бол изрази посебно задоволство од досегашната соработка на МВР со ЕВРОПОЛ, учеството на МВР во над 26 EMPACT активности и исклучителната размена на информации кои резултирале со неколку значајни акции и обезбедување на докази за поголем број сторени кривични дела.
Де Бол ги презентираше можностите за учество на МВР во сѐ поголем број заеднички проекти, каде веќе се развиени огромен број алатки за борба против криминалот кон животната средина, трговијата со оружје и разни видови дрога, финансиски и економски криминал, борба против екстремизмот и сл., што претставува одлична основа за понатамошно унапредување на веќе интензивната заедничка соработка.