Кога ВМРО-ДПМНЕ побара разговори за предвремени избори и понуди тимови кои ќе ги стави на располагање на државата искрено се израдував, пишува Никола Тодоров за ДВ.
Прво, затоа што нормално е опозицијата да бара предвремени избори, а второ затоа што предложија концепт кој прилично излегува од матрицата на ненормално политичко делување кое е карактеристика за нашава држава и карактеристика на партиите од независноста до денес. Она што не ми се допадна е условувањето на помошта од партиско-експертските тимови со датум за предвремени избори. Потоа малку ми олесна кога слушнав дека доколку не се прифати разговорот за предвремени избори, ВМРО ќе предложи мерки кои до сега не се видени на македонската политичка сцена. Си велам добро е, овие триесет години видовме блокада на Собрание, блокада на институции, протести, шатори пред влада и пред Собрание, видовме насилни упади во Собрание и влада, коли кои со звучници пропагираат низ градот, пуштање на прислушувани разговори на плоштади, улици и по паркови, протести и контра протести.
Си велам сигурно ова ќе излезе од таа мачо-политичка матрица и за прв пат на граѓаните ќе им се прикаже едно модерно политичко дејствување кое уште повеќе ќе ја зголеми предноста на опозицијата во однос на власта. Со нетрпение чекав да видам што е тоа, да слушнам нешто инвентивно и прогресивно, нешто позитивно и нормално, нешто што ќе ја направи и прикаже разликата. И тогаш, туш. ВМРО ќе го блокира Собранието, со цел да ги притисне СДСМ да одат на предвремени избори. Не знам дали ќе се согласите, но мислам дека дали ќе има предвремени избори или нема, не зависи од СДСМ, туку од ДУИ. Тие ќе одлучат кога ќе има предвремени избори. Шансата СДСМ и ВМРО самостојно да изгласаат распуштање на парламентот се мали, од причина што Македонците се меѓусебно екстремно антагонизирани.
Инаку, нашето Собрание согласно Уставот и Деловникот е во постојано заседание, освен кога не е и кога е блокирано. Или уште поточно, нашето собрание е во постојана блокада, освен кога не е!
Лош преседан
Искуството во политиката ме научило дека не може и никогаш нема да може, не во Македонија туку никаде во светов, правењето криза во државата да се исплати на следните избори. Особено не кога водиш на анкетите. Пред некој погрешно да заклучи веднаш да потенцирам, не, тоа не му успеа на СДСМ на изборите во 2016, бидејќи тогаш загубија, а дојдоа на власт како резултат на наши грешки после изборите, да не речам во 90-та минута.
Целиот текст можете да го прочитате тука