Во Австралија не им се забранува на луѓето да одгледуваат своја храна

Сподели

 

Не е вистина дека во Викторија, Австралија, се носи закон со кој ќе им се забрани на луѓето да одгледуваат храна. Напротив, законот што е во процедура, а кој се споменува во постот, треба да направи промени во 11 закони што се однесуваат на одгледувањето храна, добиток, да се заштити дополнително областа Викторија од штетни треви и инсекти, да се овозможи поквалитетно фармерство и за извоз и за домашна употреба. Законот дефинитивно се однесува на регулација на комерцијалното фармерство, а не на забрана за одгледување на храна во домашни услови или забрана да се одгледува сопствена храна. Впрочем во текстот од законот не се забранува одгледување на каква било храна, пишува Вистиномер

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се тврди дека премиерот на Австралија, Ден Ендрус потпишал нов закон со кој во Викторија, Австралија им се забранува на луѓето да имаат свои бавчи односно да растат сопствена храна. Во склоп на постот споделен е твит од медиумот „Апекс Ворлд Њуз“ од 5 мај 2022 во кој се кажува дека премиерот Ендрус, во Викторија Австралија носи закон со кој им се забранува на луѓето да одгледуваат своја храна. Законот  е насловен Agriculture Legislation Amendment Bill 2022 и поминал на второ читање во Парламентот, а според твитот, како причина за промените е наведена биосигурноста.

Кога ќе се пристапи до оригиналниот твит на „Апекс Ворлд Њуз“,може да се дојде до заклучокот дека медиумот објавил и негово дополнение според кое „законот предвидува зголемени овластувања за птререс на имоти и лица без налог, зголемување на казните и 10 илјади долари казна за давање лажни информации“, како и дека „не е потребна согласност од сопственикот на имотот за авторизираните инспектори да земаат примероци, добиток и документи“ и дека „авторизираните инспектори не се обврзани да презентираат идентификација и за сопствениците на имотот се предвидени високи казни ако спречат влез на имотот“.
 
 

Ова набрзо беше демантирано како дезинформација. Федерацијата на фармери на Викторија, излезе со соопштение во кое вели дека се шират дезинформации за законот кој се наоѓа пред викторијанскиот парламент. Федерацијата на фармери на Викторија пред да биде претставен законот добила информација од владата за законот и ги разбира намерите позади сите промени во легислативата што се предлагаат во законот. Тие пишуваат:

 
The Agriculture Amendment Bill 2022 е комплексно и разновидно парче легислатива кое што ќе усогласи 11 поединечни акти. Има промени коишто Федерацијата на фармери на Викторија ги поддржува вклучително и подобрувањата во тоа како се осигурува биосигурноста. Дезинформациите за законот сугерираат дека авторизирани службеници ќе може да спроведуваат претреси без налог, без согласност на сопственикот на имотот и без да презентираат идентификација. Федерацијата на фармери на Викторија верува дека ова е погрешна интерпретација на амандманите во законот. Нè информираа дека ќе бидат подготвени дополнителни информации за да се појаснат придобивките од законот. Ќе им ги направиме тие информации достапни на нашите членови кога ќе се готови. Ако ви требаат повеќе информации, за предложената регулатива, прочитајте на страницата на Парламентот на Викторија со најновата верзија од законот од 3 мај.
Целосниот закон и говорот на министерот пред второто читање може да го погледнете овде ,пишува во соопштението од Федерацијата на фармери.
 
Презентираниот наслов дека „на луѓето во Викторија Австралија ќе им се забрани да одгледуват своја храна“ не е вистинит.
 
Никаде во предложеното законско решение  не е споменато ниту еднаш дека законот се однесува на приватни резидентни простори, односно приватни градини или бавчи, какви што граѓаните на Викторија, Австралија имаат дома, односно во дворовите.
 
Напротив, законот како исклучок ги наведува овие простори, така што граѓаните и понатаму непречено како и досега ќе може да одгледуваат своја сопствена храна за домашна употреба. Законот се однесува на комерцијално фармерство, а не на приватни бавчи во домот. Во член 54 пишува: „освен за места окупирани за резидентни“.
 
Авторизиран инспектор може да влезе во кое било разумно време и да изврши инспекција во кое било место, освен во место кое е окупирано како резидентно и да истражи сè што е најдено на тоа место, ако се сомнева дека храна се произведува во тоа место или хемиски препарати, ѓубриво се продаваат, чуваат во склад, или има опрема која може да се користи за производство на хемиски производ, ѓубриво или добиточна храна, или ако во местото има авион за прскање со хемикалии, или ако се сомневаат дека лицето нема дозвола, пишува во законското решение.
 
Законот се занимава со комерцијалната природа на одгледувањето на храната, во комерцијални плантажи и фарми и не се однесува, како што се сугерира во постот, на домови, односно не им се забранува на луѓето самите да си одгледуваат храна. Во него се ограничува употребата на штетна трева во агрикултурниот процес и главно фокусот е ставен на безбедноста на храната.
 
Кога политичари од Австралија го коментираат законот во јавнни дискусии, ниеден од нив не споменува дека со него ќе се забрани луѓето да одгледуваат храна.
 
Напротив, се кажува дека Викторија е најголем извозник и моќна „куќа“ за извоз на храна и живина во цела Австралија и дека оваа индустрија е исклучително важна. Значи, повтотрно се повторува дека не се работи за приватно одгледување на храна, туку за индустрија односно регулација на комерцијално фармерство и тоа во насока на заштита на културите од штетници како инсекти, штетни треви и растенија.
 
На следниот линк евидентно е дека во Парламентот имало и обемна опсежна дебата за законот кој треба да направи промени во 11 посебни закони кои се однесуваат на фармерството и на одгледувањето добиток. Ниеден пратеник не кажува во дебатата дека на граѓаните им се забранува да произведувааат сопствена храна како што се тврди во постот кој го рецензираме.
 
Загриженоста на некои парламентарци е за тие фармери што не живеат на фармите туку подалеку од нив, како тие ќе добијат известување од инспекторите кои ќе дојдат да контролираат на фармата, ако не се присутни. Ова дополнително кажува дека станува збор за комерцијална агрикултура, а не за одгледување на домашна градина.
 
Ме загрижи како ќе им бидат доставувани известувања на сопствениците на земјата кои не живеат на таа земја туку далеку, но претставникот на Министерството за агрикултура рече дека тоа ќе се прави со известувања. Но што ако врне и известувањето е накиснато и фармерот не го види? Не сакам да се доведеме до ситуација фармерите да велат дека никогаш не добиле известување дека ќе им дојде инспекција, рекла во дебатата пратеничката Бритнел. Таа додала дека некои од амандманите се одлични зашто на инспектори им се дава овластување да преземаат акции за да се спречи инфестација со штетни треви, или инфективни болести кај животните или други биосигурносни проблеми.
Понатаму, како што може да се види од парламентарната дебата, пратеничката Гругнал рекла дека овој закон е одличен за да се спречи влез и ширење на инсекти кои ги напаѓаат растенијата и од разни болести.
Ширењето на болести намерно или ненамерно има потенцијал да избрише цела индустрија и нашата влада е посветена да осигура дека Викторија одрува добра глобална репутација за првокласно производство. Да се искоренат штетните треви кога еднаш ќе се појават и ќе бидат внесени, како што знаеме е невозможно, посочила таа во својот говор како што може да се види од парламентарниот транскрипт.
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека во Викторија, Австралија, се носи закон со кој ќе им се забрани на луѓето да одгледуваат храна. Напротив, законот што е во процедура, а кој се споменува во постот, треба да направи промени во 11 закони што се однесуваат на одгледувањето храна, добиток, да се заштити дополнително областа Викторија од штетни треви и инсекти, да се овозможи поквалитетно фармерство и за извоз и за домашна употреба. Законот дефинитивно се однесува на регулација на комерцијалното фармерство, а не на забрана за одгледување на храна во домашни услови или забрана да се одгледува сопствена храна. Впрочем во текстот од законот не се забранува одгледување на каква било храна. Под твитот кој е извор на дезинформацијата, бројни граѓани кои самите го прочитале законот реагираат дека текстот дезинформира.