Се контролира бројот на вработувањата во јавниот сектор – останува сомнежот колку е реален

Сподели

 

Преку системот ИСУЧР (Информациски систем за човечки ресурси) целата јавна и државна администрација е вмрежена или би требало да биде вмрежена. Преку овој систем, де факто, се вади и регистерот на вработени во Јавната администрација, кој редовно се води неколку години, а се изготвуваат и годишните извештаи за вработени во јавниот сектор, се вели во Извештајот на „Метаморфозис“ за реформите во јавната администрација насловен како: „Администрирањето“ со администрацијата – клучен предуслов за реформите, во кој се прави пресек на состојбата со реформскиот процес од 2021 година, заклучно со 31 март 2022 година/Вистиномер

 

Ако се следат извештаите за вработените во последните пет години, се покажува дека вработените во државниот и јавниот сектор во РСМ се застанати на бројката од околу 130 илјади, со тоа што не се опфатени лицата во акционерските друштва во државна сопственост или во мешовита, каде што Владата е дел од управувачките структури. Воедно, согласно законот не се прикажани податоци за пратеници, министри, заменик-министри, градоначалници, претседатели и членови на државни комисии, директори, судии, јавни обвинители и други избрани или именувани лица.

Но, според дел од експертите од фокус-групата, не е позната бројката и на други лица што се водат, макар како привремено вработени во јавен сектор преку агенции за привремено вработување или оние што имаат договори за дело (хонорарни договори), чиј број особено расте во изборни години. Еден таков пример беше отворањето на договорите склучени помеѓу времено вработени или други физички лица од страна на локалната самоуправа во Тетово, при што се испостави дека станува збор за над 800 лица, од кои голем дел не поднеле доказ за извршени обврски за кои земале јавни пари. Колкав е вкупниот број на такви лица во јавниот сектор не е познато, иако дел од опозицијата шпекулира дека станува збор за дури околу 70 илјади лица.

Според последниот Извештај за бројот на вработените во јавниот сектор за 2021 година, објавен во март 2022, состојбата е следна:

Заклучно со 31.12.2021 година, како вработени во јавниот сектор се водат 132.088 лица, кои работат во вкупно 1.346 институции, со што јавниот сектор се зголемил за 905 лица.

Ако се спореди со претходниот Извештај, ќе се види мало зголемување на вработените, но и на институциите:

На 31.12.2020 година 131.183 лица имаат засновано работен однос во вкупно 1.332 институции на јавниот сектор. Во однос на 2019 година, бројот на вработените во институции од јавниот сектор бил намален за 1.717.

Бројот на вработени во воено-полициско-безбедносниот сектор, кој за 2021 година изнесува 19.311 лица, е помал споредено со 31.12.2020 година, бидејќи тогаш во овие служби и институции работеле 19.594 лица. Инаку, овој број влегува во вкупниот број вработени во јавниот сектор, но, согласно член 19 од ЗВЈС, за нив не се води посебна евиденција и анализа во самиот Годишен извештај.

Според анализата на структурата на податоци за 112.777 вработени во јавниот сектор, жени се 62.356, а мажи се 50.421. Просечната возраст на овие вработени изнесува 46.11 години, кај жените просекот е 45.27 години, додека кај мажите 47.15 години, што се податоци кои сугерираат дека јавната администрација не е е атрактивна за младите луѓе.

МИОА годинава ја прекина праксата во последните четири години во извештаите да ги објавува бројките на вработените во АД во државна сопственост и преку агенциите за привремено вработување(АПВ), правдајќи се дека тоа не им е законска обврска. На наше барање, МИОА одговори дека заклучно со 31.12.2021 година бројот на вработени во овие друштва изнесува 8.918, односно се намалил за 1.472 лица. Најголемиот број од овие лица – 8.287 се вработени на неопределено време, 266 лица на определно и преку АПВ – 365 лица.

Министерството за финансии уште лани го објави и бројот и финансиските резултати на јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост, при што може да се види дека постојат 14 ЈП формирани од Владата, 15 трговски друштва, од кои 13 се АД, а 2 се ДОЕЛ.

Како до оптимален број на администрацијата?

Помала, но, поефикасна администрација е и дел од програмата на Владата од 2017 година наваму, но и на актуелната Влада во програмата за работа 2022-2024 година. Според овие заложби, администрацијата треба да се намали за околу 20 отсто или околу 26 илјади вработени во јавниот сектор.

Но, во однос на ова прашање кај дел од експертите во фокус-групата постои дилема. Дали Владата при оваа стратешка определба мисли на административните/државни службеници од околу 16 илјади или на сите вработени во јавниот сектор. Ако се однесува на првото, според експертите, оптималниот број вработени во државната управа со која фукционира целиот државен апарат би бил околу 12 илјади службеници, со тоа што во некои институции има превработеност, во некои недостасуваат луѓе и тоа прилично многу. Доколку, пак, се мисли на 20 отсто кратење во целиот јавен сектор, што значи околу 26 илјади луѓе помалку, треба прво да се направи детална процека на целиот јавен сектор и да се види каде, во кои потсектори има превработеност, а каде има под неопходниот минимум. Како примери во разговорот беа посочени пожарникарите, кои недостасуваат во целата држава, лекарите и средниот медицински персонал и образованието. За сето тоа да се процени неопходни се и прецизни детали од пописот на населението, за потоа да може да се планираат стратегии и развојни планови за одделни делови од јавниот сектор, вклучително и бројот на вработените, посочува експертот.

Генерален заклучок би бил дека има извесен вишок на вработени во јавниот сектор, но за да се направи целосна слика, треба да се направат сите функционални анализи и да се вкрстат со потребите што ќе произлезат од резултатите од пописот. Кај вработените во државната управа, поголемо е прашањето на квалитетот отколку на бројот, иако и таму би можела да се направи рационализација на кадри до бројката од 12 илјади државни/административни службеници, но треба да се оди на квалитет, а не само на бројка.