Идолите на новата генерација „ДАЈТЕ МУЗИКА“ со спектакуларен концерт на 27 мај во Скопје

Сподели

 

Најпопуларното детско и тинејџерско шоу „Дајте музика“ ќе одржи голем спектакуларен концерт на 27-ми мај, на стадионот на АРМ во Скопје, во организација на „Авалон Продукција“.

 

 

Публиката ќе може во живо да ги слушне сите нивни огромни хитови од популарниот серијал, како и нов материјал, а концертот ќе биде збогатен и со специјални гости кои се чуваат како изненадување до самиот настан.

На денешната прес конференција, првиот човек на Авалон Продукција, Бобан Милошески истакна дека интересот за овој настан е навистина огромен уште од првата најава за концертот и дека влезниците се трошат навистина многу брзо. Додаде дека проектот е навистина многу сериозен и дека се работи со апсолутна љубов.

  • Да бидеме реални, Македонија во својата независност, а и пред тоа, од областа на ентертејнментот има изградено многу малку сериозни брендови. „Дајте музика“ како бренд е институција на свој начин и поради тоа мене ми претставуваше особено задоволство да влеземе во овој проект, да го обликуваме, да се обидеме да го дигнеме на едно концертно ниво и навистина ми е големо задоволство што ќе го организираме и не го делам овој проект од останатите светски проекти. Ова за мене е светски проект- изјави Милошески.

Според него, концертот на „Дајте музика“ ќе биде од секој аспект организиран беспрекорно, а со оглед на тоа дека настанот е наменет за детската популација, најмногу ќе се внимава и на безбедноста на децата.

 

 

Цаци Паковска, продуцентка на проектот „Дајте музика“ рече дека децата се идоли на новите генерации и убаво е што македонската младина се идентификува со нив, а не со странски изведувачи.

  • Свесни сме дека тие се промотори на добрите вредности, но и дека се главните промотори на македонската музика кај младите генерации. Поради големиот интерес, решивме „Дајте музика“ да се претстави со сериозно осмислен и организиран концерт во живо, на кој децата, а и родителите ќе имаат можност да уживаат и да се забавуваат- истакна Паковска.

 

На големо задоволство на новинарите, на прес конференцијата беа присутни и главните ѕвезди на концертот Миха Гигов, Кристина Мукаетова, Филип Поповски и Анастасија Џабирска. Тие на новинарите им открија дека подготовките за претстојниот концерт на 27-ми мај течат со полна брзина и во најдобар ред.

 

  • Овој концерт за нас е огромен предизвик и се разбира голема чест. Енергијата на големата сцена на јуниорската Евровизија сакаме да ја доживеат и децата во Македонија, и затоа ви ветуваме незаборавно искуство. Ќе пееме во живо, секојдневно имаме часови по пеење, а подготвуваме и бомбастични кореографии. Ветуваме дека овој концерт ќе биде едно незаборавно искуство- рекоа ѕвездите на концертот.

Тие ги поканија сите нивни обожаватели да дојдат на 27-ми мај на стадионот на АРМ во Скопје, а посебна покана и билети испратија и до децата од СОС Детско село.

Генерален спонзор на концертот на „Дајте музика“ е Бекутан, а покровител е „Вива сокови“.

Влезниците се` уште се достапни за купување на сите продажни места во мрежата на Авалон низ Македонија, на плоштадот „Македонија“ и онлајн на www.avalon.mk , и тоа по цени од 400 денари за партер и 600 денари за фан пит.