Саемот за креативни искуства и размисли „Добро утро креативци“, во организација на „Скала магазин“, годинава ќе се одржи по вторпат, од утро до мрак, на 21 мај во „Паблик рум“.
Целта на овој настан е на едно место да се соберат и претстават актуелните случувања во креативните индустрии, уметноста, дизајнот, културата и образованието. Програмата ќе вклучува саемски изложбен и продажен простор, музички перформанси, панел дискусии, отворени предавања и галериска изложба.
Саемско претставување ќе имаат: Ана Јовановска; Академија за моден дизајн од “Џолев и уметностите” ; Данче Станковиќ; Елена Ристовска; Еснаф; Јулија Барбун; Мирјана Јосифоска; Сказнувалка; Книговез; ХОПС; Хеклана; 5 до 12; и Reд. Галериската групна изложба ќе биде отворена во 20:00 часот на којашто ќе се најдат сликарски дела, графики, илустрации, фотографии и скулптури од 13 автори: Ана Трајковска, Андреј Митевски, Андреј Павлов; Давор Кешќец; Дамјан Ристевски; Дејан Џолев; Душан Стефановски; Жарко Башески; Јовица Мијалковиќ; Мирослав Масин; Сергеј Андреевски; Симон Шемов и Стефан Младеновски.
Панел-дискусијата ќе се одржи во 18:00 часот на тема: NFT – механизам за продажба на уметност или медиум? каде што збор ќе имаат Иван Ивановски и Андреј Димов, а за музичкиот дел од 13:00 до 01:00 по полноќ ќе бидат задолжени: Мирко Попов; Марко Вилиќ; Luka Kekic; Baltiq; Георги Трајков и Lepi Хhoni + Shema Crew.