Oд 5-ти до 21-ви август, познатиот стадион „Маракана“, ќе биде најжешкото место на спортски случувања ова лето. На 31-та Летна олимпијада во Рио де Жанеиро, ќе видиме 306 натпревари во 28 спортови во кои ќе учествуваат над 10.500 спортисти од 206 земји. Главната цел на одржување на Олимпијадата е славење на спортскиот дух, но од оваа најголема светска спортска манифестација најмногу одекнуваат скандалите и контроверзиите. Олимпијадата е коктел од врвни спортисти со многу победи и рушење светски рекорди, заедно со многу допинг и политички скандали.
Околу овогодинешните Игри, уште пред нивниот почеток, има безброј случки и скандали.
Помеѓу поголемите, кои што силно одекнаа во јавноста, е скандалот со руските натпреварувачи на кои им беше забрането учество на Игрите (деновиве одлуката е променета), потоа незадоволството од страна на натпреварувачите за лошите услови во Олимпиското село, кои што се жалат на затнати тоалети, пукнати цевки и неизолирани жици, случката со киднапираниот спортист од Нов Зеланд и секако крадењето на олимпискиот оган. Патот на олимпискиот оган долг 20.000 километри, пред неколку дена беше прекинат во реонот Гваруљос во Сао Пауло, кога маж се обиде да го украде најважниот олимписки симбол. После овој, следуваа уште неколку обиди.
Пред самиот почеток на Олимписките Игри, ќе наброиме неколку факти, како и скандали од минатото, кои што се нераскинливо поврзани со историјата на Олимписките игри.
- Првите модерни Олимписки игри се одржале во Атина во 1896 година. Спортиститенастапувале поединечно а не во состав на државната репрезентација, како што е денес. Најдобрите тројца натпреварувачи од секое натпреварување биле наградувани со маслинови гранки од Олимпија, дипломи и сребрени медали.
- Забраната на цела руска репрезентација не е прва на Игрите. Имено, на Летните олимписки игри во Антверпен 1920 година, МОК за прв пат ги суспендирал Германија, Австрија, Унгарија, Турција и Бугарија заради Првата светска војна. На овие Игри не биле поканети ниту спортистите од СССР.
- По завршувањето на Втора светска војна, МОК јавно се извинил за соработка со нацистичките водачи. На Олимписките игри во Лондон 1948 година, на Германија и Јапонија како држави виновни за војната, им е одбиено правото за учество на Игрите.
- На Летните олимписки игри во Минхен 1972 година, палестински екстремисти во терористички напад убија 11 израелски спортисти. После овој настан, МОК одлучува да ги продолжи Игрите, а преживеаните репрезентативци во знак на протест, ја напуштаат Олимпијадата.
- На ЛОИ во Москва 1980 година, САД го бојкотира своето учество. Четири години подоцна на ЛОИ 1984 во Лос Анџелес, Русите како одговор, го возвраќаат бојкотот.
- Најновиот скандал пред Игрите, е поврзан со нови резултати од тестирања. Имено, тестирани се 1.234 примероци од Летните Олимписки игри во Пекинг 2008 и Лондон 2012 и откриле нови 45 случаи на допинг, од кои 23 се на спортисти кои освоиле медали. Од нив, 30 се од Пекинг и 15 од Лондон.