30 реномирани компании добија Сертификат за деловна успешност

Сподели

 

Триесет претпријатија од различни дејности го активираат Сертификатот за деловна успешност со што се потврдува дека имаат достигнато висока бонитетна оцена А и Б за 2021 година. Подигнувањето на официјалниот документ беше организирано на настан во Сојузот на стопански комори на Македонија, а сертификатите ги врачија претседателот на Сојузот, Трајан Ангелоски и косопственик на „Таргет Груп“ Огнен Огненовски.

Бонитетната агенција „Таргет груп“ ги направи потребните анализи за проверка на ликвидност и солвентност на компаниите, нивните извори на средства, начинот на управување како и поединечните карактеристики на компаниите и нивното  опстојување на пазарот. Сојузот е вклучен во афирмација, надзор и контрола на процесот.

„Радува фактот што преку промоцијата која ја прави Сојузот, претпријатијата реагираат проактивно и ја прифаќаат важноста на поседување на овој сертификат кој е потврда за квалитетот на нивното работење, но и зелена карта за пристап до нови деловни можности особено на меѓународните пазари, што е клучно за нивниот раст и развој. Поседувањето на овој сертификат обезбедува безбедност на комерцијалното и финансиско работење, избегнување на непријатни состојби кои продуцираат ненаплатени побарувања, намалување на можностите за продуцирање на дополнителни трошоци кои произлегуваат од водење на судски постапки и процедури за присилна наплата“, истакна Ангелоски.

Сертификатот за деловна успешност во деловното опкружување го потврдува и успехот на финансиските резултати, одржливоста и стабилноста, бидејќи покажува  континуиран и беспрекорен бизнис, примерен и доверлив поради добрата дисциплина во плаќањето.

„Добитниците на Сертификати за деловна успешност пред се треба да ја имаат во предвид најголемата предност, а тоа е дека се компании кои имаат успешно менаџирање на своите деловни процеси, успеваат да го задржат или подобрат своето работење и  успеваат најголем дел од закани во нивното работењето да ги претворат во можности со цел постигнување на најдобри можни резултати“, истакна Огненовски.

Класификацијата на бонитетната оцена подразбира претходна длабинска и сеопфатна финансиска анализа на трговските друштва за нивното работење во изминатата година како и споредба на нивното работење со индустријата односно стопанството. Компаниите носители на Сертификатот за деловна успешност работат многу успешно, а веројатноста за влез во еден од негативните настани во следните 12 месеци е исклучително мала.

Носителите на Сертификатот за деловна успешност имаат веројатност помала од 1% да отпочнат стечај, претстечајна постапка или ликвидација и носителите на сертификатот имаат помала веројатност од 0,81% да бидат избришани од трговскиот регистар. Меѓу компаниите кои го подигнаа сертификатот од секторот Маркетинг и истражување на пазар се „БТС Арт Фактори“, „Маратон Гроуп“  и „Скрин-Медиа“. Најголем број на компаниите се од секторот Трговија, и тоа „Пеко“, „Екотип“, „Фрукта-Фрута“, „Тојота Авто Центар“ и „Техно-ауто“. Во секторите Архитектонски дејности и Градежништво, потврда за бонитет имаат „Гоинвест“, „Итек системс“, „Контрол Церт“ и „Евро Консалтинг“. Од другите сектори сертификатот го активираат „Палма траде“, „Вивитех“, „Б-Тецхнолоџи“, „Кара 5 Ентертејмент“, „Ки-пар“, „Агро-калем“, „Семос компјутерски образовен центар“, „Старкон шипинг“.