Ковачевски: Македонскиот јазик ќе е еден од службените јазици на ЕУ

Сподели

 

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски од собраниската говорница, на седницата за пратенички прашања во Парламентот, на сите граѓани им го честиташе започнувањето на преговорите на РС Македонија за полноправно членство во ЕУ.

„Избравме светла иднина за државата и за граѓаните без да го загрозивме македонскиот јазик и идентитет. По цели 17 години тешки компромиси, конечно се отвора процесот за прием на Северна Македонија во Европската Унија и сите треба да се гордееме на постигнатото, затоа што за да ја реализираме оваа стратешка цел, донесовме тешки одлуки коишто бараа лидерство и храброст, мудрост и одговорност. Во оваа прилика би сакал и да ја искажам мојата огромна благодарност за сите пратеници кои со гласање „за“ ги поддржаа заклучоците за европскиот предлог и ни дадоа зелено светло да отпатуваме во Брисел. На 19 јули во Брисел отворивме ново поглавје за државата на забрзан развој, просперитет и стабилност “, порача премиерот Ковачевски.

Премиерот Ковачевски рече дека преговорите се започнуваат со загарантирани македонски јазик и идентитет.

„Македонскиот јазик ќе е еден од службените јазици на ЕУ без било какви објаснувања, додавки или фусноти. Уште еднаш денеска од собраниската говорница сакам да потврдам дека преговорите за полноправно членство со ЕУ ги започнавме со целосно сочуван идентитет и македонски јазик, коишто воопшто не се дел од преговарачката рамка, туку билатералните прашања се дел од билатерален протокол со Бугарија. Благодарение на координирана и посветена работа на повеќе чинители во изминатите речиси две децении ние сега имаме преговарачка рамка во која македонскиот јазик и идентитет се заштитени, а историските прашања се надвор од истата. Секој кој што ја следеше дискусијата, којшто беше вклучен во консултациите за европскиот предлог кој ни овозможи да го продолжиме европскиот пат имаше можност да слушне за цврста и загарантирана поддршка на нашиот идентитет и национална посебност, за стабилна сегашност, но најмногу од сѐ за подобра блиска иднина, за прогрес, за развој. И колку и да сака некој да ја искриви вистината, да го изманипулира народот со црни сценарија, започнувањето на преговорите за полноправно членство во ЕУ значат зачувување и зацврстување на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура, историско минато, засебност и посебност – и дома и насекаде во светот“, рече премиерот Ковачевски.

Тој посочи и на другите придобивки за граѓаните и за државата од започнувањето на евроинтеграцискиот процес.

„Во однос на тоа што добиваме од започнувањето на преговорите со ЕУ би кажал накратко – стабилност на државата, на сегашните и на идните генерации. Од овој процес граѓаните и сите ние заедно ќе излеземе посилни, постабилни и забрзано ќе чекориме напред кон заедничка поперспективна иднина. Исто така очекувам континуирана и зголемената помош, којашто Европската Унија ќе ја обезбеди во наредниот период. Оваа помош ќе овозможи македонските граѓани и економија да добијат конкретна и реална поддршка, за европската реалност да ја живееме денес и на вистинскиот начин, а ќе е од непроценливо значење во време на една од најголемите економски кризи со кои се соочува светот и ние“, додаде премиерот.

Претседателот на Владата, Ковачевски, порача дека „одлучно продолжуваме да го одиме европскиот пат, бидејќи не постои поголем патриотизам од јасната визија и план за иднината, залагањето за просперитет на државата и на сите граѓани“.