Автобус со деца од фолклорен ансамбл од Србија излетал во канал на автопатот Тракија кај градот Стара Загора, пренесе Телма. Инцидентот се случил нешто после 20 часот, по локално време, на автопатот во правец на Софија. Во автобусот се превезувале вкупно 49 патници, од кои 38 биле деца, а 11 возрасни, кои се враќале назад кон Србија од фолклорен фестивал на Сончев Брег. на Црното Море.
Според првичните информации има најмалку 12 повредени патници, меѓу кои 8 деца и четворица возрасни. Две лица се тешко повредени, од кои едното е дете. Станува збор за малолетни дечиња, од кое најмладото хоспитализирано има само шест години.
Според заменик главниот секретар на бугарското Министерство за внатрешни работи, Станимир Станев, 46 патници биле префрлени во болницата во Стара Загора, а само тројца патници немале никакви повреди.
Сообраќајот на овој дел од автопатот е ограничен за да се обезбеди зелен коридор за транспорт на повредените до болницата во Стара Загора.
На местото на настанот пристигнале 5 полициски и 5 екипи на противпожарната служба, како и Итната помош, а многу патнички возачи застанале и помогнале да се извлечат повредените лица и децата од автобусот. Меѓу повредените е и возачот на автобусот.
Причините за сообраќајната несреќа засега се непознати, но според бугарскиот министер за внатрешни работи, причина за несреќата била грешката на српскиот возач, кој бил деконцентриран и изгубил контрола над автобусот. Нема надворешни пречки, ниту на патот, ниту во сообраќајната сигнализацијa.
На возачот му е одреден 24 часовен притвор, соопшти бугарската полиција.