Се уредув новиот парк од 5.000 квадрати во населбата Ченто

Сподели

 

Уредувањето на новиот парк во населбата Ченто кој се протега на површина од 5.000 квадратни метри е во завршна фаза. Новата парковска површина на улицата Јужноморавски бригади, кај каналот во општината Гази Баба, наскоро ќе стане омиленото место за рекреација и пријатен престој на отворено за посетителите од сите генерации.
 
 
 
 
Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“, по налог на Град Скопје, деновиве завршија со хортикултурното уредување на оваа нова парковска површина. Притоа, беше извршено целосно расчистување на теренот, фрезирање и пополнување на површината со квалитетна хумусна почва со песочни примеси, рамнење на почвата, спроведување систем за полевање, формирање тревник со сеење и валирање на тревно семе.
 
Паркот е збогатен и со два нови видиковци изработени од дрво, кои со својата форма и намена го дополнуваат изгледот и содржините во новиот парк.
 
Екипите на ЈП „Улици и патишта“, пак, деновиве се во завршна фаза за изградба на новите пешачки и пристапни патеки во паркот. На патеките е извршен ископ на земјен материјал, поставени се рабниците и тампонскиот слој и во зависност од временските услови деновиве ќе биде асфалтирана и површината  на сите патеки.
 
Во новиот парк ќе има една главна пешачка патека и три пристапни патеки со вкупна површина од 400 квадратни метри. Покрај патеките, на повеќе локации, ќе се постави и остана урбана опрема соодветна за парковската површина.
 
Подигнувањето и уредувањето нови паркови во Скопје е еден од приоритетите во работата на Градот Скопје. Согласно со таа зелена политика, жителите на овој дел од општината Гази Баба за првпат ќе добијат модерен парк, нови уредени зелени површини и можност за одмор, релаксација и дружење на отворено на местото кое што претходно беше запуштено и полно со шут и ѓубре.