Денес претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, оствари тет а тет средба со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
На средбата претседателот Џафери искажа задоволство што во пресрет на годината кога Северна Македонија и Италија одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, возвратните посети на највисоко ниво се интензивираат. Тој го запозна претседателот Матарела со тековните процеси во Собранието, работата на Пратеничката група за соработка на Собранието и Италијанскиот Парламент како и со политичката состојба во државата. Претседателот Џафери се осврна и на нашата дијаспора во Италија која брои над 100.000 жители и се заблагодари за односот кој што Италија го има во однос на нашите граѓани.
Во однос на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, претседателот Џафери истакна дека безрезервната и пред сѐ, вокалната поддршка на нашите пријатели и традиционални партнерски држави, како што несомнено е Италија, за нас претставува недвосмислена потврда на сите наши напори да ја оствариме стратешката цел и желба на нашите граѓани – да бидеме дел од европското семејство на народи.
Соговорниците се осврнаа и на актуелната геополитичка и безбедносна состојба во Европа, со фокус на Руската агресија врз Украина и придонесот кој што двете држави, како сојузници во НАТО го имаат за враќање и одржување на Европскиот и светскиот мир и разменија мислења за предизвиците со кои што ќе се соочи Европа во сферите на енергетика и безбедност на храна.
Во рамките на официјалната посета на Република Северна Македонија, претседателот Матарела се обрати и пред пратениците во Собранието на Република Северна Македонија.