Чарлс III официјално прогласен за британски крал

Сподели

 

Денес, Чарлс Трети е официјално прогласен за крал на Обединетото Кралство од страна на Советот за наследување на британскиот трон во палатата Сент Џејмс, официјалната резиденција на монархот.

 

 

Пред прогласувањето на кралот, официјално беше соопштено дека починала кралицата Елизабета Втора.

Кралицата е мртва, да живее кралот: на посебна церемонија во Лондон е прогласен новиот британски монарх.

Протоколот за прогласувањето на кралот прв го потпиша најстариот син на кралот и новиот престолонаследник, принцот Вилијам, а потоа и сопругата на Чарлс, кралицата Камила. Кралот потпиша две копии од документот што го содржи текстот на заклетвата.

 

 

Прогласувањето на новиот монарх Чарлс Трети е проследен со топовски поздрави. Текстот на прогласот се чита на глас и во Лондон и во другите главни градови во рамките на Обединетото Кралство – Единбург, Белфаст и Кардиф.

Новиот крал се обврза на зачувување на наследството на неговата мајка, кралицата Елизабета Втора.

 

 

„Мојата мајка даде пример за доживотна љубов и самопрегорна служба. Нејзиното владеење е без пример според должината, самопрегорот и преданоста. Свесен сум за големината на преземеното наследство, на обврските и задачите кои ми се пренесени. Со нивно прифаќање, ќе се трудам да го следам примерот кој ми е даден“, изјави Чарлс Трети.

Советот за наследување, составен од членови на кралското семејство, премиерот и други високи британски политичари и надбискупот од Кентербери, се собра денеска во палатата Сент Џејмс, официјалната резиденција на суверенот, за да го прогласи кралот.

Состанокот на Советот за наследување има два дела – прогласување на новиот монарх и потпишување на кралската заклетва за зачувување на безбедноста на Црквата во Шкотска.

 

https://youtu.be/f7DJKGP-Zy8

 

Во текот на денот предвидено е Парламентот да му положи заклетва на кралот и да му изрази сочувство поради смртта на неговата мајка, досегашната кралица Елизабета Втора, а новиот крал потоа треба да ги прими премиерката и главните министри, наведуваат британските медиуми.

По прогласувањето, ќе следи и церемонијата на крунисување, чиј датум уште не е одреден. Крунисувањето на Елизабета Втора беше извршено во 1953 година, 16 месеци откако по смртта на својот татко стана кралица.