ОАЕ ја ставија Северна Македонија меѓу приоритетните земји за идни инвестиции

Сподели

 

Премиерот Димитар Ковачевски во рамки на посетата во Абу Даби, оствари средба со Џамал Саиф Ал Џарван, генерален секретар на Меѓународниот совет на инвеститори на Обединетите Арапски Емирати (UAEIIC).

Советот има главна улога за упатување и информирање на компаниите од ОАЕ каде да инвестираат и да го вложат својот капитал.

Истиот има главна улога при упатување за определување на нивната инвестициска активност.

На состанокот на кој присуствуваа и министрите за финансии Фатмир Бесими, за транспорт и врски Благој Бочварски и за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски беа презентирани инвестициските можности и фокус секторите кои имаат потенцијал да привлечат свеж капитал.

Фокусот на инвестиции на Меѓународниот совет на инвеститори на Обединетите Арапски Емирати се телекомуникациите, развој на недвижности, туризам, обновливи извори, инфраструктура, здравство како и храна и прехранбена индустрија.

Премиерот Ковачевски истакна дека она што е многу значајно во доменот на енергетиката во иднина за Северна Македонија, како и за земјите од регионот е диверзификација на изворите на снабдување со енергенси, и за таа цел се реализираат проекти кои на среден и долг рок ќе ја намалат зависноста и снабдувањето со енергенси од еден извор.

Беа разгледани начините и методите за искористување на сите можни потенцијали за унапредување и зголемување на трговската размена, која ќе придонесе за зголемување на економскиот раст.