Македонската куќа на ракометот, во присуство на претставници од Европската ракометна федерација (ЕХФ), македонските ракометни клубови, спортски работници, Агенцијата за млади и спорт и секако медиумите, денес во спортскиот центар „Борис Трајковски“ симболично го означи почетокот на ракометното првенство за женски сениорки, ЕХФ ЕУРО 2022 кое ќе се одржува од 4 до 20 ноември годинава во Скопје, Љубљана, Целје и Подгорица.
Во фокусот на денешниот собир, беа активностите кои РФМ во периодот од аплицирањето до денес ги спроведе за целите на турнирот. Во видео обраќање, генералниот секретар на РФМ истакна:
„После точно 5 години и 8 месеци работење на темата ЕХФ ЕУРО 2022 за женски сениорки, горди сме што Скопје ќе биде центар на сениорски ракометен спектакл со предзнак ЕВРОПСКИ. Непосредно пред официјалниот старт, тимот на Федерацијата живее за ракометот!“ – рече Филип Милошевски.
Амбасадорот на ЕХФ Еуро 2022, Гордана Нацева ја поздрави одлуката на РФМ да ги вложи сите свои потенцијали:
„Сите сме свесни колку голема работа ни се случува. Направено е многу, сега доагаат деновите кога треба да се ужива во натпреварите. Сакам да им порачам на младите дека најубаво место за ‘излегување’ во претстојните денови ќе биде СЦ ‘Борис Трајковски’“- истакна Нацева.
Претставничката на ЕХФ во рамки на денешниот настан, Габриела Хорват го започна своето обраќање со констатацијата дека долгоочекуваниот возбудлив момент, конечно е пред нас:
„Очекуваме одлична атмосфера и нови искуства за сите учесници, навивачи и официјални лица на првенството. Со ова уште еднаш ќе покажеме дека ракометот е спорт број 1 во вашата држава“- истакна Хорват.
Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, во своето обраќање пред присутните, упати благодарност до сите засегнати страни кои даваат свој личен придонес за овој голем настан со европски предзнак:
„Во изминативе 15 години, од позиција на ракометен фан, но и од позиција на член на национална ракометна делегација, сум бил на многу меѓународни првенства. Денес сум многу горд и среќен што Македонија е центар на еден ваков европски спектакл! – истакна Мукаетов во рамки на своето обраќање, по што следуваше директно видео вклучување на женската репрезентација и стручниот штаб. Репрезентативките и селекторот Љубомир Савевски ги поздравија заложбите и одличната атмосфера во јавноста. Тие истакнаа дека во тимот владее позитивна еуфорија, но и нетрпение да истрчаат на терен. Видео врската заврши со добро познатиот спортски поздрав: За кого??? За Македонија!!!“.
Мукаетов, во име на Ракометната Федерација на Македонија, упати посебна благодарност до врвните македонски спортисти и истакнати личности од јавниот живот, кои гордо го виореле македонското знаме на големи настани и кои дадоа поддршка на македонските ракометарки во серијал од видео-обраќања.
Во рамки на денешниот настан присутните имаа можност да бидат дел од кратка медиа тура – со цел разглед на комплетно опремените капацитети на СЦ „Борис Трајковски“ – налик на европските арени домаќини на најзначајните континентални спортски собири.