По трет пат пропадна обидот за почеток на судењето за пожарот во тетовската модуларна болница, јавува Порталб.мк. Причина за одложувањето е неприсуството на адвокатот на обвинетиот лекар Бобан Вучески, поради тоа што тој имал друго рочиште. Судијата Јордан Велковски, којшто го води случајот, му одговори на обвинетиот Бобан Вучески дека ако на следното рочиште не дојде неговиот адвокат, тогаш главната расправа ќе се одржи без него. Главната расправа се одложи за 7 декември.
Од друга страна, адвокатите на другите двајца обвинети, поранешниот директор и финансискиот директор на тетовската болница, Флорин Бесими и Артан Етеми, побараа увид во комплетната документација.
Обвинетите во случајот со пожарот во тетовската модуларна болница денеска во 10 часот се појавија во судницата. Но, судската седница траеше само неколку минути, па беше одложена за 7 декември од горенаведените причини.
Вучевски и Етеми по рочиштето не сакаа да одговорат на новинарските прашања и го напуштија судот, додека Бесими ги повтори истите зборови како и по двете претходни сесии. Тој изјави дека негова единствена желба е процесот да започне што поскоро за да му се даде можност да ја докаже неговата невиност.
Инаку, во пожарот што се случи вечерта на 8 септември 2021 година животот го загубија 14 лица, меѓу кои 12 пациенти и две лица кои биле во модуларната болница во тетовската болница која изгоре за неколку минути. Основното јавно обвинителство Тетово во јули годинава до надлежниот суд го поднесе обвинителниот предлог против три физички и едно правно лице во врска со пожарот.