Меѓународниот ден на толеранцијата, кој секоја година се обележува на 16 ноември заради јакнење на јавната свест за опасностите од нетолеранцијата и нагласување на потребата од посветеност и акција, е одлична можност уште еднаш да се потсетиме на вредностите кои се клучни за опстанокот на човештвото.
Секој ден сведочиме дека омразата и насилството се најсериозните последици предизвикани од нетолеранцијата. Социјалната нееднаквост, дискриминацијата и говорот и делата од омраза, кои произлегуваат токму од нетолерантниот однос кон другите и различните, имаат огромно негативно влијание врз почитувањето на универзалните човекови права и фундаменталмните слободи на граѓаните.
Политичко-општествените случувања во изминативе децении покажаа дека честопати се прибегнува кон употреба на разни форми на насилство, каде омразата континуирано го разорува соживотот нашата земја. Затоа, на овој ден, уште еднаш потсетуваме дека толеранцијата не е само морална должност, туку и политичка и правна обврска за поединците, групите и државите. Толеранцијата е клучна за одржување на мирот и за економскиот и социјалниот напредок на сите луѓе, а тоа особено се однесува на општествата кои се мултиетнички и мултикултурни. Од тие причини, потребно е сите чинители во Република Северна Македонија сериозно да се посветат на унапредување на механизмите на санкционирање на говорот од омраза и на насилството од омраза кои се сè поприсутни во нашето општество.