Because of Jazz/Поради џезот: Изложба на фотографии на Оливер Белопета

Сподели

 

10. декември со почеток од 19 часот
 
Оваа изложба на фотографии, под кураторство на Жига Коритник, беше поставена во 2017 година, во Галеријата на Цанкарјев дом во Љубљана.
 
 
 
 
Станува збор за селекција од 30 дела од богатата ризница фотографии на Оливер Белопета, направени во период од 2009 до 2016 година, на различни локации и музички фестивали ширум светот. Изложбата, дополнета и повторно курирана од Жига Коритник, е реализирана во соработка со Младинскиот културен центар и Скопскиот џез фестивал.
Галерија на МКЦ од 10 до 23 декември 2022 година.
 
 
„Во 1996 година ја издадов првата книга посветена на моите музички фотографии, „Џези-га!“. Таа беше причината за мојата прва меѓународна изложба на Саалфелден џез фестивалот во Австрија и таму за прв пат се сретнав со Оливер Белопета. Оливер ме покани да фотографирам на Скопскиот фестивал поради таа книга. Така започна нашата соработка, нашето пријателство. Се запознавме „поради џезот“.
 
Сметам дека добар промотер, а Оливер е еден од најдобрите во светот, треба да има сенс и знаење во сите области што мора да го употреби за еден концерт или фестивал да се одвива беспрекорно. Страста е, дефинитивно, главното гориво за да се води фестивал, како што е и за добра фотографија. Тоа е она што го дефинира добриот музички фотограф.
Освен неговата љубов за добрата музика и дизајн (во мноштвото други интереси), јас особено се гордеам со Оливер како фотограф. Свесен сум за богатството на неговиот живот, што го почуствував уште од почетокот на нашата соработка. Дури уште тогаш му се понудив да му ја разгледам архивата и да му одберам фотографии за изложба. Сепак, помина многу време додека конечно ме покани да ја курирам неговата изложба на Љубљанскиот џез фестивал во 2017 година. Се изненадив кога ја добив неговата поширока селекција на фотографии, коишто покажуваа техничка и содржинска перфекција. Ги одбрав овие фотографии за убаво да се впијат во галерискиот простор, што се покажа како тешка задача, бидејќи ги имаше толку многу и толку интересни! Потоа го предложив насловот на изложбата. Мислам дека имаме среќа што можеме да погледнеме макар и само мал дел од фотографскиот живот на Оливер.
 
Фотографите создаваат спомени; џезот и музиката се неисцрпен извор на најинтересната содржина за нас. Ние сме историчарите што уживаат да ги овековечуваат моментите што се минливи, како и ние. Остануваат само фотографиите и музиката.“
ŽIGA KORITNIK / ЖИГА КОРИТНИК
 
„Анегдотата според која е насловена оваа изложба на фотографии на Оливер Белопета оди отприлика вака: во 1970-тите, младиот џез ентузијаст и музички новинар од Скопје редовно го посетуваше Љубљанскиот џез фестивал. Поради џезот, Белопета во Љубљана го купи првиот фотоапарат и почна да слика, самиот развивајќи ги негативите, што своевремено беше редовна пракса на повеќето музички новинари коишто внимателно ги документираа музичките настани за кои известуваа. Така, тие навлегуваа во мистериите на фотографијата воопшто, а особено во музичката фотографија.
 
Токму џезот беше најсилната и најстрасната музичка врска на Белопета. Неговата посветеност на џезот му ги отвори вратите кон меѓународната сцена, овозможувајќи му да стекне трајни пријателства слушајќи џез во живо.
Џез музиката се смета за инклузивна. Оваа нејзина карактеристика ѝ дава постојана виталност, поттикнувајќи го глобалното ширење на џезот од неговото родно место – урбаните делови на Северна Америка. Џезот е музиката што во дваесеттиот век повторно им даде моќ, слобода на музичарите да експериментират со звукот и музичкиот избор. Благодарение на џезот и џез музичарите, Западот успеа да ги прибере вредностите и богатството на сите различности на музиката на светот, истражувајќи ги карактеристиките на музиката од различно етничко потекло, како и нејзините сличности со џезот. Токму поради џезот, музичката сцена можеше да ја отвори палетата на звукот и да ги предизвика воспоставените концепции.
Само еден краток поглед кон фотографиите на Оливер Белопета од бројните светски подиуми ја открива токму таа сјајна разноликост и непредвидливост на музицирањето, на хетерогеноста на талентот што тој умее во целост да ја почитува и да ја промовира на неговите концерти. Ликовите на фотографиите се, главно, познати музичари, млади и стари, сосредоточени и спонтани, разиграни и задлабочени, посебни, но истовремено и толку обични во уметничкиот и во приватниот живот. А сепак, нивната подготвеност да го направат следниот чекор е очигледна – желбата да креираат нов звук и да зачекорат во нови музички пространства.“
IČO VIDMAR / ИЧО ВИДМАР
 
„За изложбата на фотографии ‘Поради џезот’ познатиот фотограф од Љубљана Жига Коритник курира избор од богатата колекција на црно-бели фотографии на Оливер Белопета, направени низ годините на различни места. Оливер Белопета е директор на Џез фестивалот во Скопје, а некое време беше и уметнички директор на фестивалот во Љубљана. Ја има привилегијата лично да контактира со многу музичари. Неговите фотографии покажуваат фасцинантна комбинација од респект кон познатото и возбудливи, изненадувачки проникнувања.“
HENNING BOLTE / ХЕНИНГ БОЛТЕ (All About Jazz)