Неказнување на сите форми на родово базирано насилство ја зголемува недовербата во институциите и го охрабрува повторувањето на насилството и негово кулминирање во фемицид, пишува Бојана Јовановска за Республика.
„Држава што не постапува е држава што убива“ е еден од слоганите кои изминативе две години се слуша на протестните осмомартовски маршoви во главниот град.
На овој начин организаторките на протестите – членките на Платформата за родова еднаквост, која е составена од 28 граѓански организации кои работат во полето на родова еднаквост и родово базирано насилство во Северна Македонија, го изразија револтот за непостапувањето на институциите во случаите на родово базирано насилство, кое резултираше во неколку фемициди во изминатиот период.
Фемицидот претставува убиство на жена затоа што е жена и е најекстремната манифестација на насилство врз жените, која најчесто е резултат на континуирана изложеност на насилство, пришто сторителите се најчесто интимни партнери, членови на семејството или други лица познати на жртвата. Иако фемицидите претставуваат проблем кој е широко распространет на глобално ниво и засегаат половина од светската популација, сепак се соочуваме со недоволна политичка волја за нивно превенирање.
Доказ за тоа е фактот што сè уште не постои универзално прифатена дефиниција за фемицидите која би била основа за понатамошно прибирање на основни податоци за неговата феноменологија, но и проценка на неговата распространетост.
Што е фемицид?
Употребата на терминот фемицид за првпат е документирана во книгата A Satirical View of London at the Commencement of the Nineteenth Century на Џон Кори од 1801 година каде се користи за реферирање на убиство на жена. Многу подоцна, во 1976 година, терминот фемицид е за прв пат јавно употребен од страна на феминистката Дајана Расел на Меѓународниот трибунал за кривични дела спрема жените во Брисел, со цел да го насочи вниманието кон дискриминацијата и насилството врз жените.
Расел заедно со Џил Редфорд во 1992 го дефинираат фемицидот како мизогино убивање на жени од страна на мажи, за неколку години подоцна да ја користи дефиницијата убивање на една или повеќе жени од страна на еден или повеќе мажи заради тоа што се жени.
Европскиот институт за родова еднаквост го дефинира фемицидот како убиство на жена од страна на интимен партнер и смрт на жена како резултат на пракса која е штетна за жените, притоа под интимен партнер се подразбира поранешен или сегашен сопруг или партнер, без разлика на тоа дали со сторителот делеле или сè уште делат заеднички дом. Притоа, за еден случај да биде сметан за фемицид мора да постои имплицирана намера за извршување на убиството и демонстрирана поврзаност помеѓу делото и родот на жртвата.
Дефинирањето на фемицидите варира бидејќи во голема мера зависи од општествениот и културен контекст, односно патријархалниот систем во кој се втемелени традиционалните родови улоги, кои почиваат на инфериорната положба на жената во општеството. Македонското општество се карактеризира со висока толеранција на насилството и негова нормализација во различни сфери на животот, со што придонесува за опстојување на културата на насилство.
Така на пример, една од највидливите форми на перпетуирање на културатa на насилство, особено врз жените, е преку македонското фолклорно творештво. Народните песни не само што ја нормализираат женската послушност кон машките членови на семејството, туку и многу често ги романтизираат различните форми на насилство врз жените.
На ова се надоврзува и нормализацијата на убиството на жените, имајќи ја предвид нивната помала општествена вредност, па оттука и убиството на жена нема иста тежина како убиството на маж.
Распространетост на фемицидите
Според најновите податоци се проценува дека во 2020 година на светско ниво 47,000 жени и девојчиња биле убиени од страна на нивните интимни партнери или други членови на семејството, што значи дека во просек на секои 11 минути една жена или девојче е убиено во нејзиното семејство, потврдувајќи дека домот е најнебезбедното место за жените.
Најголем дел од жртвите на убиства извршени од страна на интимен партнер или роднина, односно блиски лица на кои им веруваат, се жени, притоа овие убиства се најчесто кулминација на претходно искуство на друга форма на родово базирано насилство, како психолошко, сексуално или физичко.
Во Северна Македонија најголем дел од жените (60%) сметаат дека насилството врз жените е вообичаена појава и приватна работа (48%) што резултира во негова нормализација и придонесува за значително ниската стапка на негово пријавување која се проценува на 2%.
Извор: pixabay.com
Кај нас воопшто не постои систем на регистрирање на фемицидите, па така според единствените податоци за фемицидите во земјава на Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, во периодот од 2001 до 2016 година регистрирани се 32 фемициди, додека од 2017 до 2020 година 22 фемициди.
Според последната анализа, кај повеќе од 75% проценти од анализираните случаи на убиства на жени кривичното дело е извршено од страна на актуелниот или поранешен брачен или вонбрачен партнер со кого жената живеела во заедница, а во повеќе од 80% од случаите, иако претходно постоело насилство, за кое подоцна во постапката сведочеле роднини на жртвата, ниту една од жртвите не го пријавила во надлежните институции. Повторно, податоците потврдуваат дека жените и кај нас се најчесто убивани во својот дом.
Од особено значење за употреба на терминологијата поврзана со фемицидите има феминистичкото движење во Централна и Јужна Америка. Како резултат на преваленцата на фемицидите на оваа територија, а особено во градот Сиудад Хуарез во Мексико кој го привлече вниманието и на меѓународната заедница, терминот феминицид кој се користи на овие простори, меѓу другото ја вклучува и нереспонзивноста на државата во однос на убиствата на жени. Токму во овие земји фемицидот е пропишан како посебно кривично дело.
Од друга страна, во ниту една од земјите членки на Европската Унија не постои посебна дефиниција за фемицид, пришто како појдовна точка се користи основната дефиниција за убиство, земајќи ги предвид елементите што секоја од земјите ги користи за поспецифично дефинирање на родово базираното убиство на жени, најчесто како отежнителни околности при квалификување на делото.
Поттикната од неодамнешниот фемицид во Брисел, минатиот месец Владата на Белгија донесе нацрт закон во кој се прави разлика помеѓу различни форми на фемицид и кој доколку биде усвоен ќе биде првиот експлицитен закон кој го регулира фемицидот на европско тло.
Слаба имплементација на законите
Фемицидот не е препознаен како посебно кривично дело во македонскиот Кривичен закон и истото се регистрира како и секое друго убиство, а семејното насилство кое му претходело на убиството се зема како отежнителна околност во судските постапки. Во моментот во тек се измените на Кривичниот закон во насока на негово усогласување со Истанбулската конвенција и Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, кој беше донесен во 2021 година, меѓутоа она што останува како најголем проблем е имплементацијата на законите од страна на релевантните институции.
За проблематичната имплементација на законите говори и последниот случај на фемицид кој се случи овој август во Неготино, за кој реагираше и Платформата за родова еднаквост.
Според изјавите на полномошниците на оштетените, тие сметаат дека од страна на Основно јавно обвинителство Кавадарци се направени големи пропусти во истражната постапка, односно дека од страна на обвинителот не е покажан никаков интерес и е вложен минимален труд во поглед на обезбедување докази од кои може да се утврди намерата за преземање на такви дејствија од страна на обвинетиот.
Притоа обвинителот не истражил какво поведение имал сторителот пред да го изврши делото и дека станува збор за личност со историја на сериозно насилничко однесување, кој манифестирал висок степен на љубомора спрема жртвата и континуирано во текот на една недела пред настанот изјавувал еден ден ќе ја убијам. Со сите наведени пропусти, обвинителот прави и погрешна квалификација на делото во Тешка телесна повреда наместо Убиство во вршење на семејно насилство од чл.123 од КЗ, со што не се влијае на превенцијата од овој вид на дела, бидејќи вака поставената квалификација остава простор за изрекување на полесна санкција.
Казнената политика во областа на родово базирано насилство е од особена важност за превенција на фемицидите.
Неказнување и несоодветното казнување на сите форми на родово базирано насилство, особено на фемицидот како негова најтешка форма, дополнително влијае на зголемување на недовербата во институциите и непријавување од страна на жртвите, што од друга страна го охрабрува повторувањето на насилството и негово кулминирање во фемицид.
Затоа, потребно е институциите конечно да разберат дека токму тие ја имаат одговорноста и моќта да го прекинат магичниот круг на насилството.