Пендаровски: Дали е можно членство во ЕУ до 2030? Можно е!

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на амбасадорска тркалезна маса насловена „Западниот Балкан помеѓу Западот и Истокот: Северна Македонија – членка на ЕУ до 2030 година?“ во организација на Советот на амбасадори.

Претседателот Пендаровски во своето обраќање говореше за евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија и на регионот, влијанието на руската инвазија врз Украина на Западниот Балкан, како и за домашната реформска агенда, вклучително и борбата против корупцијата.

 

 

Претседателот Пендаровски оцени дека поддршката за членство во Европската Унија опаѓа од различни причини, посебно кај етничките Македонци, и укажа дека постоењето на дивергентни ставови за важни прашања во надворешната политика е тешко за менаџирање од страна на носителите на одлуки.

Тој посочи на две можни ситуации во наредните години – да правите одлични реформи, а фокусот на Европската Унија да не е на Западниот Балкан или да не правите реформи дома, а Европската Унија да има фокус на регионот. И во двете ситуации, според претседателот Пендаровски, ќе нема напредок во интеграциите и додаде дека е потребна посветеност од двете страни – и во однос на реализацијата на реформите и во однос на фокусот кон регионот.

Во контекст на руската инвазија на Украина, претседателот Пендаровски оцени дека за прв пат по кумановскиот и охридскиот договор, стабилноста на Западен Балкан е приоритет на меѓународната заедница, а не интеграциите.

„Специфично за Западниот Балкан, по војната во Украина, по 24 февруари – Европа е повторно во фокусот на надворешната политика на САД, а со тоа и Западниот Балкан, како сегмент од тоа, затоа што по сите проценки на експерти, на политичари и на дипломати, ако Русија се обиде да го одвлече вниманието на целокупната западна алијанса која и помага на Украина да се ослободи, тоа полесно ќе го направи на Балканот, отколку на Балтикот“, рече претседателот Пендаровски.

Говорејќи за регионалните иницијативи, вклучувајќи го Отворен Балкан и Берлинскиот процес, претседателот Пендаровски повика Брисел да направи приоритетизација меѓу овие две работи.

Осврнувајќи се на главната тема на тркалезната маса, претседателот Пендаровски истакна дека членството во ЕУ до 2030 година е можно, но за тоа, според него е потребно одржување на националниот консезус и Брисел да го задржи вниманието кон регионот.

„Дали е можно членство до 2030? Можно е. Ние имаме внатрешен потенцијал, имаме паметни луѓе, имаме искуство, имаме одамна поставено систем за преговори и сме најдобро, неспорно најдобро подготвен кандидат во историјата на Европската Унија, меѓутоа не сум сигурен во овој контекст и во овој комплекс на прашања за две други работи. Прво, не знам дали ќе постигнеме национален консензус по тоа прашање. Во овој момент го немаме. Значи, зборувам за реален, не за реторичен консензус. Дали ќе постигнеме и дали ќе го одржуваме бидејќи мора да го одржувате со години и години додека траат преговорите, и второ, не знам дали Европската Унија и по завршување на војната во Украина ќе го задржи фокусот врз регионот“, рече претседателот Пендаровски.

Во таа насока, претседателот Пендаровски рече дека по почетокот на руската инвазија на Украина, геостратешките резони почнаа да доминираат и во логиката на Европската Унија, по што следуваа одлуките за доделување на кандидатскиот статус на Босна и Херцеговина, на Украина и на Молдова.