Спасовски: Во 2022 запленети 2,4 тони дрога, кривично пријавени околу 800 сторители

Сподели

 

Во емисијата „Само анализа“ на ТВ 24, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на прашањето каква е состојбата со дрогата во државата и дали се прават акциски контроли по угостителски објекти, потенцираше дека контролите на МВР се секојдневни, и додека во текот на летото се реализираа  преку Оперативниот план „Безбедно лето“, сега се прават преку Оперативната акција „Безбеден град“.

„Количините кои што се откриваа изминатиот период покажуваат дека откривачката дејност енормно е зголемнена. Пред 2,5 месеци имавме уништување на најголемо количество на дрога, околу 10 300 кг, дрога која беше запленета претходниот период. Така 2022 година можеме да ја оцениме како успешна во делот на сузбивањето на недозволената трговија. Имаме околу 2,4 тони запленета дрога во вредност од околу 6 милиони евра на црниот пазар, најголем дел марихуана, но секако и хероин, кокаин, амфетамини, хашиш и околу 20 тони најразлични прекурсори, најдолем дел од спречување на меѓународни транспорти. Секојдневно, секторите за внатрешни работи откриваат случаи на дистрибуција на дрога низ градовите. Во овој период сузбиени се 12 организирани кримналани групи со 51 член. Откриени се над 700 кривични дела, а пријавени се околу 800 сторители. Имаме 7 случаи на злоупотреба на контролирано производство на марихуана во правни субјекти со лиценца за производство на медицински канабис во Струмица, Охрид, Битола, Кочани, Куманово и во Струга, при што откриени се неправилности и запленети се марихуана и стебла „канабис сатива“ и за правните лица и за сторителите преземени се кривично правни мерки. Откриена е една лабораторија за производство на марихуана во Скопје и шест насади со марихуана во Дебар, Струмица, Штип и Битола. Имаме спречено осум меѓународни транспорти, од кои шест на марихуана и по еден на кокаин и хероин. Тоа се најголемиот дел од заплените“, потенцираше Спасовски.

На прашањето околу уличната продажба на дрога, министерот Спасовски потсети на оперативната активност која ја спроведуваат сите сектори за внатрешни работи, како резултат на која само во еден ден на подрачјето на СВР Тетово беа приведени 30 лица поради сомнение за нелегална трговија со дрога.  

„Сметам дека треба да се преземат и низа на други мерки во делот на воспитно – образовниот процес, не само репресивни, сѐ со цел да се подигне јавната свест во делот на консумацијата на дрогата, воспитувањето на децата и младите, нешто што полека, но сигурно го запоставуавме во општеството на сметка на сите овие девијантни појави што ни се случуваат“, дециден беше министерот Спасовски.