Слоганот на македонското Претседателсво со ОБСЕ е “It’s About People” и затоа ќе е доблесно МНР да побара помош и поддршка за да си ги заштити националните интереси, интегритетот, суверенитетот, јазикот и идентитетот. Како Османи планира на другите луѓе на територијата на која се простира ОБСЕ да им ги гарантира правата ако не може тоа дома да го направи, буквално пред неговата врата и под слоганот „За луѓето се работи“?, пишува Ида Мантон за Республика
На неколку телевизии гледав минатата недела како пред Министерството за надворешни работи шетаат и држат говори група луѓе со знамиња и слогани, со имиња и невкусни потсетници од минатото, под водство на Џамбаски, бугарски европратеник, кој ми изгледа како да сонува да најде модерна верзија на војвода како следна професија.
Згодно е да си револуционер додека си дел од естаблишментот, ем пари, ем се нешто не ти е погодено и друг ти е виновен. Ама незгодно, а сигурно и казниво е, да си европратеник, а да делуваш спротивно на духот и заложбите на Европската унија во соседна држава, со која твојата држава преговара и потпишува договори за добрососедски односи.
Јас не сум правник, ама да бев премиер или министерка за надворешни работи, ќе ги соберев сите умни глави да ги разгледаме сите опции – и национални и билатерални и меѓународни. Советот на Амбасадори се покажа бескорисен и само си го поддржа Министерот. Со ваков Совет, не ни требаат непријатели.
Можностите за комуницирање со македонски експерти кои работат на меѓународни теми во, но и надвор од државата, се безбројни. Најлесно е да се организираше научен собир, па сите кои пишувале на темата да се повикаа да аплицираат. Да се повикаа на консултации и тие кои поинаку мислат, така секој стратег размислува – да чуе што аргументи стојат и на другата страна. Да ги повикаа сите Високи претставници за малцински прашања, за човекови права, па да продискутираа со нив што да правиме како држава, кои се досегашните искуства.
Нашиот премиер многу надмено и од високо гледаше на настаниве, па ги заобиколи и нашите кривични закони и меѓународните препораки за добро однесување кои очигледно не важат за Бугарија. Така, ноншанлантно покажа дека му се под ниво и не се вредни за неговото внимание.
Ами, премиерот не ни е од кралска лоза или од Бога избран, па да се постави таму некаде горе и со потценување да гледа на европратеникот Џамбаски. Како лидер на државата, тој не треба да е НАД ситуациите, туку да се справи СО ситуациите. И додека ги читав вестите на вебсајт ме нервираше тоа што ниедна вест не ја задоволуваше мојата желба да дознаам што конкретно се кажало, и колку време шетале овие провокатори по Скопје.
Некои медиуми повеќе покрија што рекол и што мислел некој политичар што не ни бил на настанот. И после видов видео снимки. На нив огромни знамиња на ОБСЕ во заднина, па не можам а да не продискутирам неколку клучни елементи во врска со настанот.
Непријатно е некој да ти дојде дома и да ти ја раскажува фамилијарната трагедија што се провлекува со векови додека од петни жили објаснува дека твојата куќа е дел од неговиот вилает и нашата поделба е историска неправда.
Посебно кога ние поинаку ги доживуваме тие епизоди од нашата историја кои за соседите се извор на инспирација и национална гордост. Таа опседнатост со македонското прашање и со тезите кој од нив има повеќе право на денешната држава Република Северна Македонија (која заради желби на соседите смени име, знаме, Устав, а сега кај и да е и етнички состав) не е само старомодна, туку е и опасна затоа што ЕУ продолжува да молчи и мижи додека Бугарија шири фашистички наративи и на своја територија (а со тоа и ЕУ) и на територии надвор од Унијата (во нашата држава).
А ако почне ЕУ да го враќа „филмот“ назад, па да се пишмани за осудата на злосторствата од втората светска војна, е дури тогаш Путин победил и ја уништил Еворпа на Шуман, која тој ја замислувал како „обид кој мора да се обиде и да успее да ги помири народите во супранационална асоцијација која ќе ги штити различностите и аспирациите на секоја нација…“.
А еве Претседателот Пендаровски после состанокот на Советот за Безбедност, ја информира јавноста дека позади провокациите на Џамбаски „стојат руските разузнавачки служби“.
Додека Македонија го презема Претседателствувањето со ОБСЕ и нашиот Министер за надворешни работи, Бујар Османи, во Виена ги убедува земјите учеснички дека неговото Претседателство „ќе се фокусира на принципите и заложбите на ОБСЕ”, пред македонското МНР дивее Џамбаски и ја слави Мара Бунева – прото модел за една пракса на балкански тероризам од 19 – 20 век, во друштво со други палавковци, гемиџии и нескротени револуционери. Ама несомнено, криминалка, зашто отепала човек среде улица, независно од мотивите и омразата што ја чувствувала.
Настанот, знамињата, имињата по знамињата – провоцираат и иритираат. А Ковачевски од високо, не од позиција на страв и незнаење, на Џамбаски му порача дека е маргиналец.
Јас, од позиција на „хардкор“ маргиналец (мајка на дете маргинализирано од системот дека со посебни потреби и бегалец од „чиста околина“) се навредив што ме стави во ист кош со Џамбаски, ама дополнително ме штрецна тоа што, нели, живееме во демократии во кои нема важни и маргинализирани, владини и невладини, ваши и наши? Ама се случи Христијан и сите сметки се помешаа.
Излезе дека се е карма каша, дека судска власт е Бујар Османи, дека „не е важно што ќе каже истрагата“, и дека сите криминали се забораваат како нашите полиција и суд да немаат ингеренции на своја територија.
И дури да не беше Џамбаски пратеник во Европскиот парламент, да беше вака, како мене, маргиналец, неумесно ќе беше да му кажат и Премиерот и Министерот за надворешни работи, дека е маргиналец. Едно од основните правила во разрешување конфликти е крајното решение да го задоволи победникот, но и да не го навреди губитникот. Тие кога велат дека нема да му ја исполнат желбата на Џамбаски да стане популарен и го сместуваат во групата политички губитници во неговата држава (бидејќи не успеал да влезе во Бугарскиот Парламент), можеби малку го навредуваат Џамбаски, но поважно е што не постигнуваат решение што е задоволително за нивната држава.
Затоа ваквите изјави не го издигнуваат Ковачевски на тоа место на лидер кој ја владее ситуацијата, па да може да си дозволи од високо да гледа. Напротив, отвори простор за Џамбаски во видео обраќање да продолжи во сличен „чаршиски“ стил да го напаѓа и Ковачевски, но и македонскиот јазик и држава.
Тие што посегнале по лидерски позиции треба да се свесни дека зборовите кои ги користиме повеќе кажуваат за нас, отколку за тој што мислиме дека сме го навредиле. Маргиналец. Навистина? А можеше да му рече дека во Македонија е непожелен додека не покаже европски дух и почит кон државата, јазикот и начинот на кој ние како држава ја читаме македонската историја.
Извор: nezavisen.mk
Доверба се гради со напорна работа, а не со празни слогани
Не разбирам како никој не го праша ОБСЕ и посебно Претседателството зошто, имајќи Мисија во државата 30 години (а и да немавме) досега на никаков начин не се вклучени во она што и се основни начела на работа на организацијата од Хелсинки – следење доколку има дискриминација (на малцинствата на пример, па да објавеа извештај дека во Македонија ИМА бугарско малцинство и дека им се прекршени правата или да објаснеа како тоа македонската држава ги денационализира), градење доверба, спречување конфликти, соработка меѓу државите, исполнување на обврските кои произлегуваат од меѓународно право, мирољубиво решавање на спорови и немешање во внатрешни работи на други држави… Ако не за луѓето кои се повредени од немоќта на државата да ги заштити и по дома, барем заради големиве знамиња на ОБСЕ чии начела и принципи се кршат под нивно знаме.
И како Османи планира на другите луѓе на територијата на која делува ОБСЕ да им ги гарантира правата ако не може тоа дома да го направи, буквално пред неговата врата и под слоганот „за луѓето се работи“?
Наместо да испраќаше МНР нота до Софија, министерот-мирољубец кој – додека Џамбаски кај него во двор вее знамиња со ликот на Ванчо Михајлов и ја бугаризира Мара Бунева – го убедуваше Зеленски дека ОБСЕ „ќе ја вклучи во употреба кутијата со алатки на ОБСЕ за активно да бара начин да се возобнови мирот и целосното почитување на нашите принципи и заложби“.
Потребни се препораки и систем на следење на препораките
Убаво би било да се направи анализа за улогата на ОБСЕ (и посебно нејзиниот Центар за спречување конфликти и Високиот Претставник за национални малцинства), и за тоа како може да помогнат во осигурување дека ваквите оркестрирани провокации од политички ентитети нема да се случуваат и понатаму.
Особено не од соседна држава која инсистира на добрососедски односи заради кои не ни дозволува да влеземе во Европската унија.
ОБСЕ може да помогне и со објаснувања на овој апсурден спор и анализа низ призма на досега усвоените документи, сценарија за решавање на спорот и компарација со слични случаи од Ванкувер до Владивосток. Кој друг отвора Устав да вметне непостоечко малцинство?
Да прочитаме експертски став за ова континуирано провокаторско однесување од (не маргинални туку политички) претставници на бугарската држава и ЕУ институција, кое треба во најмала рака да се осуди, а во документ до Софија може да се приложи и кратка листа на ОБСЕ заложби, повелби, документи и тела (институции) кои ги регулираат односите.
Еве можност Ковачевски да покаже лидерски вештини и да ги послуша повиците ова портфолио да го води експертски дипломатски кадар директно под Премиерот. Мисијата на ОБСЕ во Скопје не може со години да нема став и да не објасни како дозволува настани кои се во целосна спротивност со духот на ОБСЕ, Хелсинки, ред документи и заложби да се повторуваат без тие да го покренат ова прашање барем на еден состанок во Виена.
Постојан совет има секој четврток. МНР би требало наместо да пишува неумесни ноти до Софија, да упати барање до ОБСЕ за помош со експертиза и/или да воспостави посебна канцеларија или да се даде мандат на постоечката Мисија (во соработка со Хелсиншкиот комитет, можеби) да отвори оддел кој ќе следи (monitoring) говор на омраза, прекршување на ОБСЕ принципите од сите (маргинални или не) ДРЖАВНИ ентитети, прекршување на Договорот за добрососедство, негово поминување низ ситото на заложби, обврски кои веќе треба да ги почитуваат двете држави како членки на ОБСЕ, па можеби и ќе нема потреба билатерално да се договараме дека ќе бидеме добри соседи ако тоа веќе сме го договориле и сме потпишале.
Затоа до барањето убаво е да се додаде и еден екстра-буџетски проект со цел да ги едуцира на ЗАЕДНИЧКИ ОБУКИ Владите и Парламентите (ОБСЕ има и Парламентарно Собрание) во двете држави за ОБВРСКИТЕ кои ги имаат како членки на ОБСЕ барем еднаш неделно!
Можеби ќе заклучат, како што некои од нас оддамна повикуваа, дека односите меѓу државите членки на ОБСЕ, ООН и Совет на Европа се регулирани, така што билатерални, лошо склопени пусулчиња ниту се потребни, ниту се конструктивни.
Недостасува имплементација на веќе договореното, а посебно на судски одлуки од ЕСЧП во Стразбург, тема на која може да се организраат дополнителни обуки, ама можеби поважно како Претседавач со ОБСЕ, за следната Конференција за имплементација на третата димензија (Human Dimension Implementation Conference) е да осмислат начин како да ја зајакнат улогата на меѓународните судови и пресуди.
Во секој случај важно ќе биде да не дозволат да замре овој собир на влади, невладини организации, активисти и борци за човекови права, кој иако со пречки од некои членки на ОБСЕ – Турција, Киргистан, Таџикистан и многу блокирани теми (најмногу демократски избори и нивното набљудување), сепак е „уникатен форум за адресирање на прашања поврзани со човекови права“
Демократијата не е башибозук и анархија
Од граѓанските организации, од активистите за човекови права (во кои спаѓаат и малцинските) треба сите да очекуваме да се организираат јавни дебати, дискусии, научни собири, да се известува за ова на сите ОН, ОБСЕ и СЕ форуми и Конференции каде НВО-а известуваат за прекршување на човекови права, говор на омраза, ескалирање, дезинформирање.
Ни треба координирано и поупорно да се консолидира некоја интелектуално поспособна и поучена група која ќе се понуди како стручно тело во системот во кој одлуки не може да носат само политички понудените претставници.
Можеби е дојдено времето да ги искористиме современите технологии и да ги замениме изборните кампањи на сред село со културни веб страници, на кои ќе има место и за партии, но и за непартиски кандидати на кои ќе им обезбедиме квота како на загрозен вид, зашто инаку излегува дека им ја препуштивме државата на партиите. Исто како што жените треба да се вклучени во се што се случува во општеството без да се дискриминирани и без квоти (тоа очигледно не се постигнува), така треба и непартиските добронамерници да имаат пристап до учество во власта и до носењето одлуки.
А не да се дел од волонтерски бордови и советодавни тела кои министрите ги користат да се закитат со епитет „демократски“ со тоа што ќе го свикаат основачкото заседание и ќе ги заборават.
Владата ја замолувам да се воздржува од неосмислени соопштенија и изјави што треба да им е срам да ги напишат и објават, зашто кога го прават тоа од позицијата која им е дадена, зборуваат во наше име – ние сме демосот, ние сме тие луѓе што ги ставиле на знамето и вистина, за нас се работи, за нашиот идентитет, за нашата историја, а пред сѐ, за нашата иднина.
Демократија подразбира дијалог, многу состаноци, многу мислења и моќ тоа да се консолидира во конзистентна државна стратегија и пристап. Демократијата не е анархија и башибозук – таа е многу комплексен процес во кој мора да има простор за конструктивен и редовен дијалог со сите кои го чинат општеството. Сите, не само политичките партии.