Бугарскиот амбасадор нема да биде вратен во Скопје набргу, можно е и да бидат стопирани заеднички проекти, порача министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков во гостување утрово на државната телевизија БНТ.
Тој порача дека бил неприфатлив наративот дека македонскиот Бугарин Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“, бил наркоман и наркодилер, како и дека бугарските клубови се места на организиран криминал и трговија со дрога и од тоа се финансираат.
„Тоа е наратив што не можеме да го прифатиме и ќе ги преземеме сите мерки“, порача Николај Милков во утринската емисија „Денот почнува“.
Тој додаде дека веќе го информирале советот за надворешни работи во Брисел и министрите за надворешни работи на членките на ЕУ. На сите членки им е испратен меморандум за темата, а ќе се користат и други механизми, вклучително механизмот на ОБСЕ, порача бугарскиот министер за надворешни работи во гостувањето на БНТ.
Во однос на одбележувањето на роденденот на Гоце Делчев на 4 февруари, институциите на двете држави треба да бидат смирени и да се воздржат од провокации, за секој што сака да може да отиде и да се поклони, порача Милков.
Милков порача и дека амбасадорот на Бугарија во Скопје, Ангел Ангелов, кој веќе е повикан во Софија, нема да се врати во Скопје додека Софија не види знаци на промена, а можно е и да бидат сопрени заеднички проекти.
Во меѓувреме, бугарските медиуми јавија дека состојбата на Христијан Пендиков, кој е на Воено-медицинската академија, се подобрува и тој од Интензивна нега е преместен на Орална хирургија. Пендиков во текот на викендот со бугарски владин авион беше пренесен во Софија од болница во Охрид./Meta.mk