Трајко Вељаноски одлучи да закаже посебна седница на Собранието, посветена на состојбата во поплавените подрачја, на 14 август

Сподели

sobranie-sednica-1-520x287

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски за в недела, 14 август, закажа посебна собраниска седница која ќе биде посветена на состојбите во поплавените подрачја, информираат од кабинетот на Вељаноски.

Ова значи дека пратениците ја прекинуваат летната ферија. Според редовниот распоред, првата седница требаше да се одржи 10 дена подоцна – на 24 август.

„Претседателот на Собранието на Република Македонија,  Трајко Вељаноски во договор со координаторите на пратеничките групи, одлучи да закаже посебна седница на Собранието на Република Македонија посветена на состојбата во поплавените подрачја, за 14 август 2016 година. До тогаш, се очекува Владата на Република Македонија да изготви информација со која ќе го извести Собранието за состојбата и за превземените мерки во насока на санирање на последиците“, пишува во соопштението од Собранието.

Инаку денеска, пратеничката група на опозицијата го повика Вељаноски да свика итна седница на која ќе се расправа за поплавените подрачја, како и за конкретни мерки и заклучоци со кои ќе им се помогне на граѓаните, а владејачката ВМРО-ДПМНЕ го поддржа предлогот на опозицијата.

Вчера, поранешниот претседател на Македонската академија на науките и уметностите, Владо Камбовски го повика Вељаноски да свика вонредна седница за поплавените подрачја.