Џонсон тврди дека Путин му се заканувал со ракетен напад

Сподели

 

Британскиот премиер Борис Џонсон во документарен филм за Би-би-си изјави дека Владимир Путин пред воената инвазија врз Украина му се заканил со ракетен напад додека имале телефонски разговор, објави Би-би-си. Џонсон се обидел да го разубеди Путин пред инвазијата дека Украина во догледна иднина нема да постане членка на НАТО, а и го предупредил дека инвазијата на Украина ќе доведе до санкции кон Русија и поголем број на сили на НАТО на границите со Русија.

„Во еден момент, тој ми се закани: ‘Борис, не сакам да те повредам, но за проектил би била потребна само една минута‘. Имајќи го предвид опуштениот тон со кој збореше, мислам дека само се поигруваше со моите обиди да го натерам да преговара“, откри Џонсон во документарниот филм на Би-би-си.

Инаку, украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето најново обраќање ги повика западните сојузници да ја забрзаат испораката на ветеното оружје за Украина.

„Брзината на испорака била и ќе биде еден од клучните фактори на оваа војна. Русија се надева дека ќе ја развлече војната за да ги истошти нашите сили“, изјави Зеленски, додавајќи дека треба да се отворат можности и за испорака на нови неопходни видови оружје за Украина.

Тој ја потенцираше значајната воена помош која што беше најавена минатата недела од САД, Германија, Полска, Канада, Белгија, Норвешка и Италија, пренесува Гардијан. Сепак, ситуацијата на фронтот Зеленски ја опиша како „многу тешка“, напоменувајќи дека непријателот одржува висок интензитет на напади.

„Бахмут, Вухледар и други делови од Донецкиот регион се под постојани руски напади. Има постојани обиди да се пробие линијата на одбрана“, изјави Зеленски.

На фронтот продолжуваат да гинат цивили како резултат на руските ракетни напади. Проектил изминатава ноќ погодил станбена зграда во центарот на градот Харкив, при што едно лице загинало, а тројца се ранети. Како резултат на руските напади, во Донецкиот регион во изминатово деноноќие загинал еден цивил, а едно лице е рането. Под ракетен напад бил и Херсон, каде што тројца цивили изминатиов ден го загубиле животот во деноноќните истрели на проектили кон овој град. Најмалку шест лица се повредени, од кои две се медицински сестри додека биле на своето работно место во болница, пренесува Гардијан./Мета.мк