Oсмани: Двете организации треба да ја одиграат својата улога за поддршка на Украина

Сподели

 

Претседавачот со ОБСЕ Бујар Османи денеска во Брисел, имаше свое обраќање пред Северно Атлантскиот совет на НАТО, каде ја претстави Програмата на Северна Македонија како Претседавач со ОБСЕ во 2023 година.

 

 

Пред Советот со кој претседаваше Заменик генералниот секретар на НАТО Мирчеа Џоана, Османи ја истакна важноста на улогата на НАТО и ОБСЕ во европската безбедносна архитектура и ја презентираше визијата на Северна Македонија како претседавач на ОБСЕ. Тој посочи дека фокусот на претседавањето ќе биде ставен на луѓето и на вредностите и принципите на ОБСЕ кои беа прекршени со руската агресија врз Украина.

 

 

„Агресијата на Руската Федерација против Украина ги потресе столбовите на нашата безбедност“, потенцираше Османи, додавајќи дека Украина ќе остане врвен приоритет и клучно безбедносно прашање. „Наш приоритет во сите три аспекти ќе биде да обезбедиме суштинска поддршка за Украина и нејзиниот народ“, рече тој.

Претседавачот со ОБСЕ Османи пред присутните истакна дека агресијата кон Украина мора да престане, како и дека смртта на цивилите и пустошот се неприфатливи, а последиците и цената на оваа војна за цела Европа и за целиот ОБСЕ регион ги карактеризираше како жални и неподносливи.

 

 

„Цивилните страдања се причината за нашиот силен фокус на луѓето кои се први на удар од оваа агресија. Оние кои се директно изложени на војна и конфликти се плашат за своите животи, а пак оние кои се подалеку чувствуваат несигурност, вознемиреност и неизвесност. Нивниот начин на живот е доведен во прашање и нивното секојдневие е нарушено. Нашиот ангажман е пред сѐ за луѓето. Ова е нашето мото и движечката сила за годината што претстои“, истакна Османи пред присутните.

Османи во обраќањето ја спомена улогата на двете организации во промовирањето на контролата на оружјето и мерките за градење доверба и безбедност.

„И двете организации треба да ја одиграат својата улога кога станува збор за поддршка на Украина, но и за другите земји учеснички или партнерите. Тие ги имаат потребните алатки и механизми за да придонесат за поголема безбедност и стабилност“, потенцираше Османи.

Пред Северно Атлантскиот Совет на НАТО Османи ги спомена и останатите кризни ситуации низ регионот на ОБСЕ, истакнувајќи дека Централна Азија и регионот на Југоисточна Европа ќе останат во фокусот. Тој најави зајакнување на теренските мисии на ОБСЕ и поддршка за севкупното присуство на терен.

На врвот на листата на приоритети на Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ, Османи ги посочи и борбата против корупцијата и промовирањето на доброто владеење, наведувајќи дека тоа е заедничка „болест“ која го загрозува демократскиот и социо-економскиот раст.

Тој најави дека Организацијата ќе се посвети на поддршка на основните човекови права и промовирање толеранција и недискриминација како предуслови за општата безбедност.

Претседавачот со ОБСЕ Османи на крајот од своето обраќање ја истакна важноста на соработката меѓу ОБСЕ и НАТО.

„Многу ми е драго што Стратешкиот концепт усвоен минатата година во Мадрид кој кристално јасно покажува дека НАТО има намера да ја зајакне нашата заедничка ‘координација и соработка’. Како претседавач со ОБСЕ, уверен сум дека сите можеме да имаме корист од оваа соработка, бидејќи работиме за да придонесеме во процесите за безбедност и стабилност во Европа и светот.“, истакна Османи.

Пред обраќањето пред Северно Атлантскиот Совет на НАТО, Османи оствари средба со Заменик генералниот секретар на НАТО Мирчеа Џоана, каде имаше можност да оддаде признание за ангажманот на Џоана во својство на Претседавач со ОБСЕ во 2001 година, кога неговите напори доведоа до поголема стабилност на нашата земја и регионот.

 

 

Во заедничка изјава Османи повтори дека и покрај нивната различна природа и цел, и НАТО и ОБСЕ имаат важна улога во зачувување на европската безбедност. „И двете организации се засновани на принципи и вредности, кои во случајот на ОБСЕ, се грубо прекршени со воената агресија. Верувам дека има простор за соработка и треба да ги исцрпиме сите можности за да придонесеме за поголема безбедност во регионот на Европа, но и пошироко“, рече Османи.