Министерството за образование и наука информира дека се објавени резултатите од Конкурсот за доделување на стипендии на редовни студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија за студиската 2022-2023.
Студентите кои се стекнаа со правото на користење студентска стипендија треба да испечатат и пополнат три примероци од договорот за соодветната стипендија ( објавени со резултатите) и заедно со копија од лична трансакциска сметка, од 02.02.2023 до 17.02.2023 година, да ги достават до Министерството за образование и наука (директно во писарницата на МОН или по пошта – препорачана пратка со повратница на адреса бул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје).
Одбиените кандидати пак, ќе имаат можност за поднесување жалба до Државната комисија за одлучување по управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во рок од 15 дена од денот на приемот на решението од МОН во кое ќе биде наведена причината поради која апликацијата не е прифатена. Ги замолуваме одбиените кандидати да не доставуваат приговори пред да го добијат решението.
Решенијата и за прифатените и за одбиените апликации се изработуваат во моментов и ќе бидат испорачани на домашната адреса на секој апликант.