Бугарија ќе му даде државјанство и привремено живеалиште на Пендиков

Сподели

 

Претепаниот секретар на Бугарскиот културен клуб „Цар Борис III“, Христијан Пендиков, кој денеска беше испишан од Военомедицинската академија (ВМА) во Софија, ќе добие бугарско државјанство и привремено живеалиште, јави бугарскиот онлајн-медиум mediapool.bg.

Информацијата денеска ја објавил техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков.

Пендиков се лекуваше на ВМА во Софија, од следниот ден откако беше примен во болница во Охрид. Во бугарскиот главен град беше пренесен со бугарскиот владин авион.

Охриѓанецот се плашел за својот живот и Бугарија ќе му обезбеди заштита, а бугарското МНР ќе исплати и парична помош за семејството на Пендиков додека е во Бугарија, јавува mediapool.bg.

„Во моментов се смета дека има опасност за нив во Северна Македонија. Претстои, се разбира, и негова средба со министерот за внатрешни работи Демерџиев, на којашто ќе се утврди во колкав степен и дали нему му е потребно обезбедување на нашата територија, за тој да не стане жртва на провокација“, изјави Милков.