Претседавачот со ОБСЕ Бујар Османи денеска во Скопје ја отвори првата конференција организирана во рамки на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, посветена на справувањето со Антисемитизмот. Станува збор за традиционален собир на земјите учеснички на Организацијата, реномирани експерти и граѓански организации, кој се одржува со цел да се постави заедничка агенда за обновување на заложбата на ОБСЕ за толеранција и недискриминација.
Во своето обраќање Османи изрази сериозна загриженост за алармантниот пораст на антисемитизмот, присутен во регионот на ОБСЕ и пошироко.
„За жал, сведоци сме дека светот не докрај ги има научено историските лекциите од Холокаустот. Денеска сме во екот на воена агресија на тлото на Европа. Последиците за многу генерации ќе бидат тешки и ќе остават траен белег во нивните сеќавања. Конфликтот, секогаш отвора простор за нова омраза. Негирањето на едни кон други, чинови на насилство и предизвикување на омраза отвораат простор и услови за други форми нетолеранција и дискриминација“, рече Османи.
Османи истакна дека нетолеранцијата, непочитувањето, навредување во однос на религиозна припадност, личното самоопределувањето на секој поединец се појави кои дополнително ги усложнуваат состојбите во ОБСЕ регионот.
„Растот на антисемитизмот директно ја поткопува структурата и заложбите што ги сочинуваат темелите на ОБСЕ, како и еден од приоритетите на нашето претседавање, кој се однесува на толеранцијата и недискриминацијата. Од оваа причина, земјите учеснички на ОБСЕ треба цврсто да ги поддржуваат сегашните и идните активности на Организацијата, во справувањето со омраза против еврејското население, но генерално и против сите други“, потенцираше Османи.
Зборувајќи за контекстот во Северна Македонија, Османи рече дека Антисемитизмот е главно реактивен, освен случајни, индивидуални коментари на социјалните мрежи или други изолирани медиуми. Тој го посочи како позитивен пример искуството на нашата земја основано на толеранција и меѓусебно почитување.
„Тешко стекнато искуство на Северна Македонија во создавањето на функционално мултиетничко, мултикултурно и мулти-конфесионално општество, базирано на толеранција и меѓусебно почитување, е наш придонес и пример за создавањето на отпорни општества, во поглед на сите форми на дискриминација. Во рамките на претседавањето и лично како претседавач на ОБСЕ го нудиме овој модел до сите оние во ОБСЕ регионот, кои имаат политичка волја да го применат кај себе“, нагласи Османи.
Османи потсети и на Антисемитизмот во историските наративи на земјата, особено за историјата на Втората светска војна и убиството на 7144 македонски Евреи во логорот Треблинка, осврнувајќи се на заедничката историја меѓу Македонците и Евреите и силната историска врска. Тој додаде и дека раководство во Северна Македонија настојува да одржува добри врски со државата Израел и со сопствената Еврејска заедница, што се потврдува и со Декларацијата на Собранието пред 5 години.
Претседавачот со ОБСЕ Османи за време на своето обраќање пред присутните на конференцијата го спомена и изобличувањето на Холокаустот и навредливите антисемитски теории за кои рече дека биле користени од изворите на пропаганда за промовирање и оправдување на руската воена агресија против Украина.
Инаку свое обраќање на воведната сесија на конференцијата за справување со антисемитизмот имаа и директорот на ОДИХР Матео Мекачи, специјалниот претставник на ОБСЕ, сенаторот Бен Кардин, високиот комесар за национални малцинства Каират Абдакхманов, специјалниот претставник за слобода на медиумите TeрезаРибеиро, личниот претставник на претседавачот со ОБСЕ за Антисемитизам, Рабинот Ендру Бејкер и министерот за човекови и малцински права на Црна Гора, Фатмир Ѓека.
На дводневната конференција посебно внимание ќе биде посветено на осудата на говорот на омраза, едукацијата на младите за човековите права, како и за подигањето на свеста кај општата јавност за прашања врзани со Холокаустот, неговите дигитални манифестации и останати форми. Предвидените активности имаат за цел да испратат порака дека обединети во различноста е единствениот сигурен пат кон долгорочна стабилност на национално и меѓународно ниво.