Бројот на жртвите од земјотресот надмина 41.000

Сподели

 

Уште седум луѓе беа спасени вчера, осум дена по силниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија. Надежите за пронаоѓање дополнителни преживеани од, како што Светската здравствена организација (СЗО) ја нарече, најголемата природна катастрофа во последните 100 години, се намалуваат, јавува „Гардијан“.

Од под урнатините во регионот Караманмараш вчера биле извлечени тројца млади момчиња на возраст од 17, 18 и 21 година.

„Гардијан“ објави дека извлечена жива од урнатините на станбениот блок во кој живеела била и 35 годишна жена од јужната турска провинција Хатај, и тоа 205 часа по земјотресот.

Инаку, бројот на потврдени смртни случаи во Турција како резултат на земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтер и силните последователни потреси надмина 35.000, објави ТРТ повикувајќи се на изјава на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Ова го прави земјотресот најсмртоносната катастрофа од основањето на републиката пред 100 години, пишува ТРТ.

Потврдените 35.418 смртни случаи веќе ги надминаа жртвите од големиот земјотрес што го погоди Ерзинчан во 1939 година, кога загинале околу 33.000 луѓе.

Ердоган изјави дека над 105.000 лица биле повредени како резултат на земјотресот што се случи на 6 февруари.

Тој повика на спроведување построги градежни правила, поради извештаите дека прекршувањето на прописите довело до уривање на многу згради во регионот погоден од земјотресот.

Дел од спасувачките тимови ги прекинуваат операциите бидејќи температурите под нулата ги намалуваат и онака малите шанси за преживување. Шефот за помош на Обединетите нации (ОН), Мартин Грифитс, рече дека фазата на спасување се приближува кон крајот, а фокусот е свртен кон засолниште и храна за настраданото население, пренесе „Гардијан“.

Во Сирија, пак, бројот на загинати достигна 5.814, според најновите податоци на ОН и Сириската арапска новинска агенција. Со тоа, вкупниот број на загинати од двете земји достигна над 41.000./Мета.мк