Спасовски: 78 години постоење на Одделот за заштита на определени личности и објекти

Сподели

 

Денеска со посебна свеченост за првпат во историјата на државата беше одбележан значаен ден за македонската полиција – 18 февруари, Денот на формирањето на Одделот за заштита на определени личности и објекти при Бирото за јавна безбедност во МВР.

 

 

По тој повод обраќања на овој настан имаа министерот за внатрешни работи,  Оливер Спасовски  и началникот на Одделот за заштита на определени личности и објекти, Александар Нацевски, а во присуство на раководството на МВР, претставници на Македонскиот полициски синдикат, директорите на Агенцијата за национална безбедност и Агенција за разузнавање, претставници на Амбасадите и полициски аташеа во нашата држава.

 

„Оваа високо специјализирана, професионална безбедносна формација, во рамки на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, кај народот позната како Шеста Управа, одбележува импозантни 78 години постоење. Нејзината мисија ги влече корените дури од АСНОМСКА Македонија, кога со многу храброст и мудри одлуки беше добиена битката за слобода и државност. Токму тогаш, новата поставеност на државниот ред и поредок бараше организирано и структурирано обезбедување на виталните државни објекти, на настаните од високо безбедносно значење и секако гарантирање на животот и личниот интегритет на определени лица, со што се поставија и темелите на оваа служба”, истакна министерот Спасовски во своето обраќање.

Министерот Спасовски нагласи дека честопати говори за тоа дека напад врз институција е напад врз самата држава.  

„Како министер за внатрешни работи, следејќи ја работата на службата, можам слободно да кажам дека вие, припадниците на ОЗОЛО, по природата на работата која ја извршувате, сте на браникот на државата. Бидејќи, институциите кои вие посветено и пожртвувано ги обезбедувате го претставуваат ликот на државата”, порача министерот Спасовски до припадниците на ОЗОЛО.  

„Токму вие, припадниците на ОЗОЛО сте носители на дизајнот и имплементацијата на оперативните безбедносни планови и акции, како што впрочем тоа го сторивте и со самитот Отворен Балкан Охрид, Преспа Форум дијалогот, како и посетата на Неговата Светост, Папата Франциск, за што ви оддавам посебно признание”, порача Спасовски.