Таравари-Ковачевски: Владата мора да изгради објективен, фер, транспарентен и одржлив систем за финансиска еднаквост на општините

Сподели

 

Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари денеска во својот кабинет го пречека премиерот Димитар Ковачевски. На средбата се разговараше за политичката состојба во државата и за стабилизирање на општините за да можат успешно да ги извршуваат своите законски обврски и да даваат квалитетни услуги за граѓаните.

 

„Нашиот заеднички став беше дека Владата треба да изгради објективен, праведен, транспарентен и одржлив систем за финансиска еднаквост на општините, како и инвестиции и заеднички капитални проекти за Гостивар во иднина“, истакна градоначалникот Таравари по средбата.

Таравари и Ковачевски исто така, учествуваа во предавањето на клучевите за 45 социјални станови за исто толку семејства со социјален ризик од Гостивар. Се очекува наскоро да бидат испорачани уште 25 станови за различни социјални категории.

 

„Сите проекти што се реализираат се важни за нашите граѓани, но проектите за социјалните категории за мене се попосебни и секогаш велам дека колку и да правиме за овие луѓе, сепак е малку“, подвлече градоначалникот на Гостивар.

Градоначалникот Арбен Таравари им честиташе на семејствата со желба да уживаат во становите и да ги користат во среќа и убави моменти.