На самиот почеток од 20 век, интензивните социјалистички движења меѓу останатото ја поддржуваа борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Повеќе од половина век борба за родова еднаквост ја произведе Одлуката на Обединетите нации од 1975 година, 8 март да биде прогласен за Меѓународен ден на жената.
Меѓународниот ден на жената – светскиот празник 8 Март оттогаш се чествува секоја година.
По овој повод Националната галерија, веќе традиционално, организира тематска изложба посветена на овој ден, воедно, преку овој настан, испраќајќи честитка до сите жени.
Овогодинешната изложба, насловена „Мајчинство“- од колекцијата на Националната галерија“, ќе биде поставена во просторот на Чифте амам, на 7 март, во 19 часот.
Изложбата претставува селектиран избор на македонски и странски автори, припадници на различни генерации ликовни автори, кои ја опфаќаат темата мајка и мајка со дете, односно една од најповиканите и тематски најзастапена улога на жената низ историјата. Селекцијата опфаќа дела кои се дел од богатата колекција на Националната галерија. Изложбата вклучува широк избор на дела, почнувајќи од иконовидните претстави на Богородица па се до новите медиуми. Темата е застапена преку повеќе ликовни техники и принципи на ликовно изразување како масло на платно, темпера на картон, молив на хартија, туш на хартија, бакрорез, монотипија, фотографија на форекс, таписерија. Скулптурите кои се дел од оваа изложба се изведени во техниките на теракота, гипс и бронза.
На оваа изложба ќе можат да се видат дела од Димитар Андонов Папрадишки; на авторите од првата основоположничка генерација меѓу кои Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димче Коцо, Димо Тодоровски; периодот на афирамацијата и продорот на новите ликовни тенденции во повоените години како Петар Мазев, Ванчо Ѓорѓиевски, Глигор Чемерски и др. Воедно застапени се и примери од авторите кои припаѓаат на Југословенската збирка меѓу кои: Иван Мештровиќ, Павле Симиќ, Лука Тошановиќ и др. Оваа презентација ќе и овозможи на публиката да види ликовни остварувања од првите самоуки сликари, академски образовани уметници, како и автори од поновите генерации.
Ликовната поставка ќе и биде достапна на јавноста во импозантниот простор на Чифте амам во текот на месец март и ќе и понуди, веруваме, уште еднаш, вистинско ликовно уживање со делата на реномирани автори во кои е прикажано мајчинството.
Куратор на изложбата Елена Иванова, кустос