Меџити: Справување со сообраќајот во Клиничкиот центар

Сподели

 

Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити одржа брифинг со претставници на медиумите, на кој ги презентираше приоритетите на кои ќе се посвети во претстојниот период.
 
 
 
 
 
-На позицијата министер доаѓам од клиничкиот центар, така што одблиску ги знам предизвиците со кои се соочуваат пациентите, и оттука во фокусот на нашата работа ќе бидат пациентите.
 
Во моментот ги анализираме состојбите во здравствениот систем и сите аспекти на кои треба да се посветиме за унапредување на системот. Ќе се трудиме да бидеме што е можно потранспарентни во соработката со медиумите. Сите заедно можеме да придонесеме за подобрување на условите во здравството, истакна министерот Меџити.
 
Еден од првите приоритети, кој го посочи е справување со сообраќајот во рамки на Клиничкиот центар, во соработка со проектната единица во МЗ, како и проширувањето на позитивната листа со нови лекови, за што веќе е донесен нов Правилник за позитивна листа.
 
-Како Министерство се залагаме за унапредување на статусот на здравствените работници, а пред се за покачување на платите на вработените во здравството. За таа цел, во претстојниот период ќе организираме средба со сите надлежни институции, меѓу кои Фондот за здравствено осигурување, Министерството за финансии, Министерството за труд и социјална политика, со цел заеднички да изнајдеме оптимално решение, рече министерот.
 
На брифингот со претставници на медиумите присуствуваше и заменик министерката за здравство, д-р Маја Манолева, која истакна дека соработката со медиумите е клучна не само за детектирање на предизвиците во областа на здравството, туку и за изнаоѓање соодветни решенија за унапредување на системот.