Општина Охрид, како издавач, заедно со авторот, професор д-р Димитар Пандев, денеска во Охрид, пред големиот аудиторум во свечената сала на локалната самоуправа, ја промвираа книгата „Славе Ѓорѓо Димоски во книжевната критика“ .
Приредувачот на познатата едицијата од досега 8 издадени наслови, Митре Вељаноски, на настанот му даде поширока, не само книжевна димензија, цитирајќи ја оценката на бугарската авторка Ирен Петрова.
-Доживеавме да слушнеме од авторитетно име дека поезијата на Славе Ѓорѓо Димоски, пишувана на македонски јазик, подобро се пее, чита и доживува во однос на бугарскиот јазик.
-“Поезијата на Славе Ѓорѓо Димоски, суштински се разликува од современата бугарска поезија и мислам дека, во многу нешта, ја надминува”, ги цитираше Велјаноски зборовите на Ирен Петрова.
Авторот и денес промотор на книгата, Димитар Пандев, меѓу другото, нагласи дека овој преглед е само мал заглед во она што критиката љубопитно го кажала за Ѓорѓо Димоски, зошто не е тој обичен, секојдневен поет.
-Има нешто митско во него самиот и во неговата поезија. Има нешто трајно во неговото „продолжува“ што продолжува да изненадува со нови стихови и стихозбирки, пишува во предговорот на книгата, авторот Димитар Пандев.
Во книгата на 370 страници се поместени осврти, текстови и други објави од книжевната критика за поезијата, книгите и творештвото на овој истакнат охридски и македонски поет, кои се напишани од страна на врвни писателски имиња од Македонија од странство.
За него Венко Андоновски се искажува како за “жив класик на македонската поезија и литературно создавање”.
Пофални слова за книжевниот опус на Ѓорѓо Димоски, искажале уште и Матеја Матески, Георги Старделов, Данило Коцевски, Јордан Плевнеш, Милан Ѓурчинов, Слободан Мицковиќ, Атанас Вангелов, Гане Тодоровски, Иван Џепароски, Кристина Николовска и други познати авторитети.
Од светот за негио пишувале Том Филипс, Сергеј Главук, Максим Замшев, Ала Шешкин, Гојко Блажевиќ, Радомир Андриќ, Евелина Митева, Ирен Петрова и други.
Славе Ѓорго Димоски е роден на 18-ти март 1959 година во Велестово. Член е на македонскиот ПЕН центар. Автор е на четиринаесет книги поезија, пет книги за деца, четири книги со есеи, а дваесет посебни изданија му се преведени на повеќе јазици. Одделени песни и поетски циклуси се преведени на триесет јазици.
Веле Митаноски