Приходите не ја покриваат исплатата на социјалните бенефиции на Фондот за ПИО

Сподели

 

Зголемените приходи не се доволни за покривање на дефицитот за исплата на социјални бенефиции во 2021 година кои се одвојуваат од Буџетот и учествуваат со 37,5% во вкупните приходи на Фондот

Ревизорите утврдиле дека и во 2021 година не се надминати констатираните состојби од претходните години за кои ревизорот во континуитет известува, а се однесуваат на недостиг на стручен и обучен кадар за актуарство и перманентниот одлив на вработени од ИТ секторот и внатрешната ревизија што влијае на развојот на актуарски и пензиски предвидувачки капацитети, функционирање на информацискиот систем и ажурноста на сите воспоставени системи и ефективноста на системот за внатрешни контроли.

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија (Фондот) за 2021 година.

Со извршената ревизија за 2021 година ревизорите изразија мислење со резерва во однос на вистинитото и објективното прикажување на финансиската состојба и резултатите од финансиските активности, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики за 2021 година.

Во објавениот ревизорски извештај ревизорите утврдиле:

  • слабости во чување и архивирање на податоците во матичната евиденција кои  го оневозможуваат потврдувањето на веродостојноста и целосноста на регистрираните податоци, потребни за остварување на правата од пензиско инвалидско осигурување (ПИО);
  • не распоредените средства на уплатната сметка од наплата придонес за ПИО поради не добиени соодветни податоци за вработување и регистрација на обврзниците, како и грешки при внесот од страна на други институции Фондот не може да ги користи, поради што осигурениците за кои овие уплати се однесуваат не можат да ги остварат правата од ПИО во целосен износ;
  • ненавремено доставени информации од надлежните институции за промена на статусот на осигурениците што има за последица неоснована исплата на пензии, за кои се евидентираат побарувања од граѓани и нискиот процент на поврат на повеќе исплатените средства.

Ревизорскиот извештај упатува на клучни прашања на неизвесност и континуитет како и останати прашања кои се однесуваат на:

  • неосновано повлечени средства од сметката на Фондот од страна на извршителите по основ на налози за извршување, во кои како должници се јавуваат корисници на пензија, како и континуирано вршење активности од страна на Фондот поврзани со реализација на налози за извршување;
  • структурата и нивото на остварени приходи во известувачкиот период, зголемувањето на дефицитот во исплатата на пензиските примања, како и неизвесностите по работењето на Фондот поврзани со инфлаторните движења и неповолните демографски движења.

Во 2021 година остварени се приходи во износ од 81.508.271[1] илјади денари.

 

slika_1

 

Изворните приходи т.е. приходите од наплатен придонес за ПИО во 2021 година се зголемени за 6,38% во однос на претходната 2020 година и изнесуваат 49.289.354 илјади денари, што претставува учество од 60.47% од вкупно остварените приходи.

Оствареното зголемување на приходите во 2021 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции кои исто така бележат раст од година во година. Имено, расходите за социјални бенефиции (исплата на пензиските примања заедно со придонесот за здравствено осигурување на пензионерите, трансферите до вториот пензиски столб и инвалиднината) во 2021 година изнесуваат 79.677.493 илјади денари за вкупно 328.570 корисници на пензиски примања односно заклучно со декември 2021 година исплатените средства се за 3,8% повисоки во однос на 2020 година. 

 

slika_2

 

Поради недостаток (дефицит) на средства за исплата на расходите за социјални бенефиции во 2021 година од Буџетот на РСМ трансферирани се средства во висина од 30.580.301 илјади денари, а учеството на овие средства во вкупните приходи на Фондот бележи намалување во однос на 2020 година и изнесува 37.5%, од кои 29% се за покривање на тековниот дефицит за исплата на пензии.

Ревизијата го истакнува влијанието на неповолната демографска структура на населението во РС Македонија кои беа потврдени со спроведениот Попис на населението, како и влијанието на тековните инфлаторни движење со кои е зафатена земјата и светот и нивното влијание врз работењето на Фондот со оглед на законската обврска да се изврши усогласување на висината на пензиските примања со индексот на трошоци на животот и порастот на платите.

Како резултат на наведеното, се очекува и подолгорочно гледано, финансиското работење на Фондот да продолжи да биде оптоварено со тековниот проблем на зголемен дефицит кој се покрива со трансфери од Буџетот на РСМ.

Потребно е Фондот да преземе активности во соработка со надлежните институции за обезбедување на: потребните кадровски капацитети за непречено функционирање на единицата за внатрешна ревизија и Секторот за ИТ.

Да се преземат активности за развој на актуарски и пензиски предвидувачки капацитети преку координирани активности за носење на законски решенија кои ќе придонесат  кон намалување на масата на пари за исплата на расходите за социјални бенефиции како и во делот на утврдување на придонесот од ПИО и целосна наплата на истиот како еден од сегментите за стабилизација на пензискиот систем што ќе има влијание на намалување на учеството на трансферите од Буџетот на РСМ во вкупните приходи на Фондот.