Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Сојузна Република Германија во РС Македонија, Петра Дрекслер.
Посакувајќи и добредојде на амбасадорката Дрекслер, претседателот Пендаровски оцени дека двете држави ги поврзува традиционално и искрено пријателство, што е засновано на разновидна соработка, меѓусебно почитување и отворен пристап.
„Како резултат на заедничките напори, нашата земја, денес, во Сојузна Република Германија, гледа голем пријател и искрен сојузник во процесот на остварување на нашите стратешки приоритети. Еден од тие стратешки приоритети, полноправното членство во НАТО, е веќе остварен, а нашите две држави се сојузнички држави и придонесуваат во остварувањето на клучната мисија на НАТО за гарантирање на безбедноста на евроатлантскиот простор во светло на тешките геополитички околности“, рече претседателот Пендаровски.
На церемонијата на предавање на акредитивните писма, амбасадорката Дрекслер оцени дека нашиот билатерален однос е одличен и се протега многу подалеку од соработката на ниво на влади и тој го опфаќа ангажманот на политичките фондации и организациите на културните медијатори или на големата билатерална Стопанска комора, која е израз на опсежното присуство на германското стопанство во Северна Македонија и ја отсликува позицијата на Германија како најзначаен трговски партнер.
„Посетите на Сојузниот претседател, на Сојузниот канцелар и на Министерката за надворешни работи изминатите месеци се јасни знаци за тоа дека стоиме на страната на Вашата земја. Сојузната влада и понатаму ќе го придружува пристапниот процес кон ЕУ како доверлив партнер. Сакам да Ве уверам дека и за време на мојот мандат ќе ја вложам сета моја енергија за оваа задача. Свесни сме за компромисите кои ги изискуваше овој пат и се болни за многу луѓе во Северна Македонија и кои и понатаму се потребни за неопходната уставна промена. За консеквентноста, со која Вашата земја чекори по патот кон приемот во ЕУ, Ви се искажуваат, господине Претседателе, нашето признание и нашата длабока почит“, рече амбасадорката Дрекслер.