Германски државни институции под хакерски напади

Сподели

 

Интернет-страниците на германски министерства и на покраинските институции веќе трет ден се цел на хакерски напади.

Како што објави „Шпигел“ во вторникот, интернет-страницата на Министерството за развој на Германија, каде во моментов фокусот е ставен на платформата „Реконструкција на Украина“, била два пати погодена од сајбер напади. Медиумот пишува и дека зад нападите најверојатно стојат проруски хакерски групи.

Новата платформа на интернет-страницата на ова министерство била промовирана минатата недела и има за цел да ја поддржи посветеноста на Германија за обнова на Украина. Веб-страницата е наменета да послужи како прва точка на контакт за сите кои сакаат да придонесат кон обновата на Украина.

Според интерниот ИТ извештај на ова министерство, нападите во вторникот биле особено тешки.

Како што јавуваат германските медиуми, станува збор за „DDoS“ напад, додека портпаролот на Министерството за развој за „Шпигел“ ги потврдил нападите, додавајќи дека „сите напади досега биле успешно одбиени“.

Медиумите јавуваат дека повици за напад на интернет-страницата на Министерството за развој биле упатувани на каналот на проруската група „Килнет“ на Телеграм.

Покрај веб-страницата на ова германско министерство, повремено недостапни биле и интернет-страниците на неколку германски покраини.

Инаку, хакерските напади врз германските институции следуваат една недела откако Германија одлучи да испрати дополнителна воена помош во вредност од 12 милијарди евра за Украина./Мета.мк