Во врска со најавите дека на дневниот ред на седница на Собранието на РС Македонија треба да се најдат девет предлог-измени на закони поврзани со Коридорите 8 и 10, кои ќе се носат по скратена постапка, а за што има реакции во јавноста, Државната комисија за спречување на корупцијата смета за потребно да укаже на следното:
Во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, во секторот Политички систем, како еден од приоритените проблеми кои треба да се адресираат, е утврдено носењето на голем број на закони во скратена постапка без соодветно образложение за оправданост за овој вид постапка.
Од тие причини, во Националната стратегија нагласено е дека е од суштинска важност да се обезбеди рационално користење на инструментот за носење на закони по скратена постапка во Собранието на Република Северна Македонија и подигнување на квалитетот на процесот на носење на законите преку подетално уредување на проценката на влијанието на регулативата.
Државната комисија за спречување на корупцијата укажува дека треба да се преиспита најавеното донесување на законите во скратена постапка од причина што со тоа се рушат основните постулати на правната држава, се зголемуваат ризиците од корупција и не се остава простор за јавна расправа а пред се не се остава простор за произнесување на стручната јавност за содржината на законсите одредби.
Со предложените измени на законите кои треба да се донесет во скратена постапка се задира во повеќе области меѓу кои и работничките права, правото на сопственост, заштитата на животната средина и други. Оттаму, неопходноа е поширока јавна расправа со цел да се намалат ризиците од можни злоупотреби, ризиците од корупцијата, како и ризиците од законски решенија чија имплементација ќе создаде дополнителни проблеми, информираат од ДКСК.