Средба Џафери – Стефанчук

Сподели

 

Претседателот на Собранието Талат Џафери, се сретна со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук во текот на вториот ден на годишната Конференција на претседатели на парламенти на земјите членки на ЕУ во Прага, на која учествуваат и претседателите на парламентите на земјите кандидати за членство во Европската Унија.

 

 

Претседателот на Врховната рада, Стефанчук, се заблагодари за недвосмислената поддршка од страна на Собранието на РС Македонија, кое се придружи кон сите осуди, санкции и рестриктивни мерки поврзани со руската агресија врз Украина. Потоа, за усвојувањето на Декларацијата за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, како и за формирањето на Интер-партиската парламентарна група за поддршка на Кримската платформа. Претседателот Стефанчук истакна дека, за Украина се подеднакво важни како интеграцијата во Европската унија, така и членството во НАТО, и во таа смисла, побара поддршка на претстојниот Самит на парламентарната димензија на НАТО кој на почетокот на јуни треба да се одржи во Вилнус, Литванија.

 

 

Претседателот на Собранието Талат Џафери, му ја пренесе на соговорникот и својата лична и институционалната поддршка за сите напори и храброста во борбата против руската агресија и нагласи дека, Република Северна Македонија ќе продолжи да ја пружа својата материјална, воена и хуманитарна помош во рамките на своите можности и капацитети. Исто така, истакна дека државата ќе опстои на санкциите и дека Украина може да смета на гласна поддршка за нејзините аспирации за евроатланска интеграција.

 

 

Двајцата претседатели го поздравија одржувањето на вториот самит на парламентарната димензија за поддршка на Кримската платформа, предвиден да се одржи во октомври 2023 година во Прага, на кој ќе учествува и делегација на Интер-партиската парламентарна група на Собранието на Република Северна Македонија.