Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски на својот ФБ профил, обвинува дека владејачкото мнозинство се обидува да најде изговори за пратениците да не го добијат договорот за изградбата на Коридорите 8 и 10д кои Владата ги потпиша со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Пратениците од опозицијата бараат да го добијат Договорот со „Бехтел и Енка“, но владејачкото мнозинство е на ставот дека треба да се направи презентација на овој договор.
“Во Собранието денеска владејачкото мнозинство ќе се обиде на координација да наоѓа изговори како пратениците да не го добијат коруптивниот Договор за прескапите автопати и на која Комисија би требало да се разгледува.
Иако за втората тема нема дилеми, Комисијата за транспорт е надлежното работно тело кое разгледува материјали за изградба на инвестициони објекти во транспортот и патниот сообраќај. Секоја друга импровизација ќе биде само уште еден обид овој Договор да се држи во тајност”, обвини Милошоски.