Во Солун ќе се одбележи почетокот на изградбата на Трансјадранскиот гасовод

Сподели

Во Солун денеска официјално ќе се означи почетокот на градежните работи на грчкиот дел од Транјадранскиот гасовод ТАП, кој ќе пренесува азербејџански гас кон Европа. На настанот ќе присуствува грчкиот премиер Алексис Ципрас и голем број гости од државите вклучени во ТАП, Азербејџан, Италија, Албанија, Турција и Бугарија.

mk

Премиерот Ципрас, кој ќе говори на свеченоста, се очекува да ја истакне геополитичката и економската важност на гасоводот за Грција. ТАП важи за најголема инвестиција во Грција од почетокот на кризата и се очекува да ѝ донесе на државата од 1,5 милијарди до 2 милијарди евра и 8.000 работни места. Во градежниот процес се вклучени 150 грчки компании. Грција се надева со фактот што ТАП поминува низ неа, конечно да се вклучи како важен играч во европската енергетска игра.

Изградбата се очекува да почне во средината на годината. ТАП важи за една од најголемите странски инвестиции последните шест години во Грција. Гасоводот ќе биде долг околу 800 километри, од кои 500 ќе поминуваат од грчка територија. Според првичните информации, околу 150 грчки компании ќе работат на ТАП, кој ќе пренесува гас од Азербејџан преку Турција во Грција, кон Албанија и Италија и ќе биде првата алтернатива на рускиот гас во ЕУ.

ТАП отвора можности и за снабдување на Македонија и на Балканот со природен гас, бидејќи постои шанса да се пуштат краци од Грција кон балканските држави. За темата и за можностите за енергетска соработка, повеќепати имаат разговарано македонските и грчките политичари. Како што јавува „Катимерини“, во оваа насока вчера во Солун имаа средба грчкиот министер за енергетика, Панос Скурлетис, и бугарската министерка за енергетика, Теменушка Петкова. Двајцата разговараа за поврзувачкиот гасовод ИГБ и за подвижната станица ЛНГ во Александруполи, два проекти кои ќе се изведат како дополнување на ТАП за снабдување на балканските држави со азербејџански гас.

На официјалната церемонија ќе учествуваат и претставници на државите вклучени во проектот, заменик-министерот на Европската комисија одговорен за енергетска политика, Марос Севковиќ, претставник на Стејт департментот.

Одлуката азербејџанскиот гас од наоѓалиштето Шах Дениз да се пренесува преку ТАП беше донесена во 2013 година и дочекана позитивно како единствена алтернатива на рускиот гас која ќе помогне да се намалат цените за природен гас во ЕУ. Иако е долг патот додека се заврши конструкцијата и почне пренесувањето на азербејџанскиот гас, сепак грчките надежи се дека ТАП ќе помогне и да се намалат цените за гас во земјата, бидејќи во Грција пристига само руски гас со цени за 35 отсто повисоки во споредба со другите европски држави.

Извор meta.mk

http://meta.mk/vo-solun-ke-se-odbelezhi-pochetokot-na-izgradbata-na-transjadranskiot-gasovod/