“Особено сме горди на фактот што одржувањето на јубилејната 50-та Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ во нашиот бисер Охрид, во Република Северна Македонија, се поклопи со одбележувањето на 30-годишнинатата од нашето членство во најголемата полициска организација во светот и искрено ви благодарам на укажаната чест, што со вашето присуство ја збогативте прославата на Денот на македонската полиција – 7 Мај,” рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на отварањето на 50-та Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ што од денеска до 10 мај се одржува во Охрид.
„Кога зборуваме за принципи и развој на демократското општество, едноставно не може, а да не се осврнеме на вложувањето и унапредувањето на безбедносниот систем, како основа на владеење на правото. Доказ за направените амбициозни и сериозни реформи се намалувањето на криминалитетот и постигнатите одлични показатели во справувањето со современите безбедносни предизвици, како резултат на зголемената ефективност на полицијата на Република Северна Македонија. Така, покрај организираниот криминал, илегалната миграција, трговијата со дрога и оружје, во последниов период се’ почесто можеме да зборуваме и за сајбер криминалот, хибридните закани, а секако и за тероризмот, насилниот екстремизам и радикализам. Притоа, непобитен факт е дека оваа борба против целокупните современи глобални предизвици е зајакната, поуспешна и поефикасна токму преку неопходниот глобален и регионален пристап, активната оперативна соработка и заедничките стратегии во делувањето. Впрочем, тоа го покажаа и најновите геополитички случувања на светско рамниште, кои бараат од нас сериозен заеднички одговор на предизвиците кои не’ тангираат сите нас, без исклучок“, потенцира министерот Спасовски.
Изминатите 30 години, преку нашето членство во најголемата светска полициска организација, рече министерот Спасовски, сведочат за нашата посветеност и подготвеност за активна глобална полициска соработка. Цели три децении преку континуирана размена на идеи, енергии, зајакнување на нашата меѓусебна соработка, обединети во едно полициско семејство, со иста цел – глобална безбедност преку поврзување на полициите ширум светот. Бидејќи заедничка е и одговорноста за сериозен пристап во полициското делување и подготвеност за справување со сите идни предизвици.
„Сведоци сме на тоа како глобализацијата, дигитализацијата и технолошкиот развој ги придвижуваат глобалните промени, истовремено продуцирајќи и софистицирани криминални предизвици, за кои е неопходен заеднички пристап и обединети напори. ИНТЕРПОЛ, со својата ексклузивна привилегирана позиција, e клучна организација за обезбедување на глобалната безбедност, со амбициозна визија за побезбеден свет. Затоа ИНТЕРПОЛ го идентификуваме како сериозен партнер за соработка, размена на информации и обезбедување на синергии меѓу многуте глобални и регионални напори и иницијативи. Како членка на ИНТЕРПОЛ, Република Северна Македонија го воспостави своето Национално централно биро во согласност со Статутот на ИНТЕРПОЛ и Стандардите за квалитет, кое организациски е сместено во Секторот за меѓународна полициска соработка при Бирото за јавна безбедност. Со воспоставувањето на глобалниот комуникациски систем на ИНТЕРПОЛ И-24/7, нашата држава меѓу првите се поврза со глобалното полициско семејство, со цел размена на информации помеѓу членките и Генералниот секретаријат, како и директен пристап до глобалните криминалистички бази на податоци.Со самото членство во организацијата, од особено значење е придонесот кон меѓународната полициска соработка која оваа организација ја негува. Ова се остварува преку континуирани активности на работните групи и динамично учество во тековните проекти иницирани од страна на Генералниот секретаријат, преку идентификување на соодветна експертска потреба од расположливите ресурси во Министерството и останатите служби за спроведување на законот во Република Северна Македонија“, рече министерот Спасовски.
Претседателот на ИНТЕРПОЛ Ахмед Насер Ал-Раиси рече дека ИНТЕРПОЛ ги влече своите корени токму од Европа, односно од Виена, каде оваа организација е основана пред 100 години.
„Лидерството на Европскиот континент на терен може да се види преку силните механизми за споделување информации, раната адаптација на технологија и ефективни прекугранични операции. Регионот беше клучен играч во успехот на ИНТЕРПОЛ во текот на изминатите 100 години. И покрај оперативните успеси, постојат многу реални закани долж хоризонтот. Убиствата со умисла во ЕУ повторно се во пораст, по периодот на опаѓање. Новата генерација на сајбер-закани е присутна. И секако, влијанието на условите на конфликтот и нестабилната економија ширум светот се пространуваат и во Европа. Денес сме тука поради една причина: да изградиме побезбеден свет. Ова ќе го направиме преку споделување на увиди од терен, слушање на технички експерти и градење партнерства кои ќе поттикнат зајакнати работни односи во следните неколку дена. Денес ќе се фокусирам на две клучни области: Прво, клучната улога на Европа во борбата против постојните и новите облици на криминал и второ, важноста на споделување информации и соработка низ регионот и светот. Денес, Европа стои пред предизвикот на широк спектар на криминални дела. Организираниот криминал е главната грижа. А различни форми на трговија со луѓе, тероризам и сајбер криминал се исто така во пораст“, рече претседателот на ИНТЕРПОЛ Ахмед Насер Ал-Раиси.
Овие транснационални злосторства, подвлече тој, не само што ја загрозуваат сигурноста и
безбедноста на регионот, туку и исто така имаат ефект на прелевање врз остатокот од светот.
„Меѓутоа, ИНТЕРПОЛ и неговите европски земји-членки се издигнуваат пред предизвикот. Презедовме големи чекори за борба против овие криминални дела и се справуваме со нивните основни причини. И така, преку споделување информации и соработка, успеваме. Денес, Европа постигнува напредок во справувањето со најгорливите криминални дека во регионот. Но, на крајот на краиштата, наша заедничка должност е да ги предвидиме предизвиците на новото утро, и да работиме заедно за да обезбедиме посигурна иднина. Дозволете ни да ги здружиме силите за да изградиме еден ИНТЕРПОЛ којшто е иновативен во срцето на организацијата, но и осигурувајќи се дека сите линии на комуникација остануваат отворени. ИНТЕРПОЛ е силен поради својата различност. И секоја од нашите земји-членки има еднакво важна улога која треба да се одигра“, потенцира Ахмед Насер Ал-Раиси.