Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Крушево ќе присуствува и ќе се обрати на свеченоста по повод започнувањето на културната манифестација „Град на културата“.
Манифестацијата, која се одвива под мотото „Крушево – жив споменик на културата“, ќе почне во 17 часот со посета на галеријата „Никола Мартиноски“, како потсетник на доајенот на ликовната уметност кој изврши големо влијание за современиот развој на државата во 50-тите и 60-тите години на минатиот век.
Свечената програма, со наслов „Безвременска хармонија“, ќе почне во 18:30 часот пред споменикот „Македониум“, со концерт на евергрини на Камерниот оркестар од Битола, на кој ќе настапат македонските музички ѕвезди: Елена Ристеска, Мики Јовановски-Џафер, Ристо Самарџиев, Дарио, Кристина Арнаудова, Пере и „Нокаут“, Наде Талеска, Димитар Андоновски, Тамара Стојковска, Марија Цветаноска, Александра Трајческа и хорот „Проарс“.
Во рамките на манифестацијата, во Крушево во текот на целата година ќе се реализираат голем број настани на различни локации во и околу градот.
Реализацијата на програмата на проектот „Културен град“ е во соработка со локалната самоуправа и е од особено значење за зајакнување на културниот развој и развојот на туризмот на локално ниво.