Изложба Професори + Студенти во МКЦ

Сподели

 

Изложба Професори + Студенти во МКЦ
 
Изложбата вклучува широка селекција на дела изработени од талентираните раце на младите студенти и нивните професори од факултетите и школите за уметност и дизајн кои се актуелни во земјава, меѓу кои: Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Меѓународниот Балкански Универзитет (МБУ), Факултет за дизајн и мултимедија (ФОН), Факултет за арт и дизајн при Европски универзитет, Факултет за уметности при Државниот универзитет во Тетово и “Скала“- Школа за дизајн и уметност.
 
Како што потенцираат организаторите, настанот ќе има за цел да стави акцент на широкиот спектар од наставни програми со кои располагаат приватните и државни универзитети во Македонија, да ја потенцира разликата меѓу нив, како и да ги актуелизира наставните потенцијали и квалитетот на нивните ученици со дела од областа која ја студирале.
 
Изложбата, всушност ќе биде еден селектиран избор на веќе етаблирани, но и автори чијшто потенцијал допрва ќе се развива, уметници од различни генерации, сликари, графичари, фотографи, скулптори, илустратори но и претставници од модниот дизајн и индустрија, кои посветено работат на полето на визуелните уметности години наназад. Како што наведува Ангела Витановска, историчар на уметност во предговорот кон изложбата: “Различните стилски определби и различните дискурси, нема да претставуваат пречка, туку напротив, ваквата разноликост е и она што се очекува, главната цел и идеја на еден ваков проект- да се отвори ,,прозорец“ кон една постојана взаемна практика за меѓусебна соработка и размена на идеи меѓу идните генерации млади творци, која ќе резултира со тоа секој понатаму да продолжи да чекори кон автономен развој, градејќи го својот автентичен стилски пристап.“ Одовде, индивидуалитетот на секој од авторите и влијанието на менторот кој стои зад нив, ќе доведат до тоа изложбата да понуди една вистинска стилска и тематска разнообразност во ликовниот израз, кој во иднина може да биде само уште еден предизвик во поривот за развој на сопствениот, индивидуален специфичен опус, а токму ваквата разнообразност ќе придонесе на изложбата да бидат застапени речиси сите техники и изразни медиуми, без било какво ограничување.
Преку иницијативата за оваа изложба, истовремено се создава можност за унапредување и мотивација на младите генерации за успешно чекорење напред во водите на уметноста и креативните индустрии, како и потенцијалот кој го нудат истите.
 
Изложбата ќе биде поставена до 21 јуни.