На првата средба со Претседателот на Судскиот совет, претставниците на Синдикатот на УПОЗ проследија низа барања за заштита на правата на членовите и вработените во судската служба, а главно барање за кое се разговараше беа исплата на додатоците на плата и зголемување на платите на вработените.
Претставниците на Синдикатот пренесоа дека постои огромно незадоволство меѓу вработените во судовите поради ниските примања кои се недоволни за нормален живот на вработените, а особено големо незадоволство постои поради не исплатата на додатоците на плата, особено откако се зголемија платите на судиите за 78%.
Претставниците на Синдикатот на УПОЗ истакнаа дека состојбата со платите е алармантна и дека доколку во краток временски рок не се најде решение ќе се организира штрајк со што ќе се блокира работата на судовите.
Претседателот на судскиот совет беше запознаен и за фактот дека нема скоро никакви унапредувања на вработените во судовите, а редовно преку јавни огласи се вработуваат лица на високи нивоа во судската служба, дека не се издаваат решенија за награда поради не носење на правилник од страна на Министерството за правда, се постави и прашањето за исплата на регресот за годишен одмор за 2023 година.
Претседателот на Судскиот информираше дека на денешната седница на Судскиот буџетски совет ќе се разговара за прашањето на додатоците на плата и дека од негова страна веќе се преземени конкретни чекори истите да се обезбедат, но дека истото зависи и од други институции односно Министерството за финансии, а не само од Судскиот буџетски совет.
Сите барања на Синдикатот на УПОЗ беа издвоени како официјални заклучоци од состанокот кои ќе се користат за решавање на истакнатите проблеми.