ИЛИ-ИЛИ: Романот „Маџун“ од Влада Урошевиќ е повторно меѓу читателите

Сподели

 

По првото издание (Магор 2018), романот „Маџун“ од Влада Урошевиќ ја добива наградата „Стале Попов“ на ДПМ, номиниран е за македонски кандидат за наградата Балканика а преводи се објавени во Бугарија, БиХ, Србија и Хрватска.

 „Користејќи различни средства и на поинаков начин, Урошевиќ во Маџун постигнува ефект што, во доживувањето на читателот, е сличен на оној во Продавницата со цимет од Бруно Шулц. Одеднаш, како да прозборуваат мртвите работи, како меѓу џагорот на луѓето да се препознава и џагорот на неживиот свет, а целиот универзум се вселува во душата и телото на едно момче. А во таа куќа, во таа човечка глава, како во приказната за Баш Челик, постои една врата што не смее да се отвори. Зад таа врата е она што не смее да се види, а не може да се избегне.“ (Миљенко Јерговиќ)

„Романот Маџун не е само роман за детството, туку е и роман на атмосфера, и роман со исклучително урбан сензибилитет, и роман сложувалка во духот на постмодернистичката парадигма, и роман загатка…“ (Лидија Капушевска Дракулевска)

„Маџун е роман за детството, но не вообичаен билдунгс-роман за созревањето, туку роман за меморијата на детството, на вообразбата, на сеќавањето, на спомените и промените; роман за меморијата на знаењето и на наобразбата; роман за меморијата на преобразбата,.. на мирисите, боите и вкусовите, на зборовите, рецептите и летoците, на вујковците и тетките… на дворовите и крововите, на осамата и штамата, на драмата во најдлабоките и највисоките претстави за нас самите.“ (Оливера Ќорвезироска)

„Романот Маџун, секако, може да се чита по аналогија и во компаративни односи со значајни дела од европската проза, почнувајќи, на пример, од првата книга на Лав Николаевич Толстој, во дадениот контекст со парадигматскиот наслов Детство, а потоа преку Ламаринениот барабан на Гинтер Грас до, на пример, Ужасот на празнината на  нобеловецот Петер Хандке, и сосема природно, како по начинот на раскажување, така и по севкупната уметничка вредност, влегува во корпусот на дела на истата тема што ги претставуваше , во поголема или помала мера, прозата на одредени значајни јужнословенски автори, како и литературите на кои тие припаѓале.“ (Михајло Пантиќ)

 

Влада Урошевиќ (1934), поет, прозен писател, есеист, патописец. Препејувач на француската поезија (Бодлер, Рембо, Аполинер, Елијар, Бретон, Мишо…), автор на повеќе антологии. Роден во  Скопје, во  Дебар-маало, каде што го поминал раниот период од своето детство. Како и „Маџун“, и некои други негови романи („Вкусот на праските“, „Мојата роднина Емилија“, „Дива лига“,  „Вистинита  но не многу веројатна историја за семејството Пустополски, за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“) за сцена на своето дејство го имаат Скопје во  разни периоди од неговата историја. Своите мемоарско-есеистички текстови за  родниот град ги објавил во книгите  „Алдебаран“ и „Астролаб“. Повеќе негови раскази, од седумте објавени  збирки,  се одигруваат , исто така, во Скопје. Во 2023 година, по наградите “Роман  на годината“ и „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, прогласен од Македонската асоцијација на издавачи за „Автор на годината“.