Комунална хигиена-Скопје отстрани 1.600 кубни метри отпад од диви депонии

Сподели

 

Во текот на минатиот месец, ЈП Комунална хигиена-Скопје отстрани вкупно
1600 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на градот Скопје.

И покрај фактот дека основната дејност на Претпријатието е собирањето и
транспортот на комуналниот отпад од домаќинствата и правните субјекти,
екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје секојдневно се максимално
ангажирани за извршување вонредни активности како што е расчистувањето
диви депонии коишто настануваат како резултат на непрописно одлагање
отпад на јавни и сообраќајни површини.

Во оваа насока, Претпријатието апелира до граѓаните својот отпад да го
одлагаат исклучиво во наменски поставените садови – контејнери, канти
или корпи за отпадоци. Воедно, неопходна е поголема ангажираност на
соодветните институции задолжени за санкционирање на прекршителите на
Законот за јавна чистота, бидејќи ЈП Комунална хигиена-Скопје нема
надлежност да изрекува санкции за непрописно одлагање отпад.

Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на изминатиов викенд 
беа ангажирани и за санирање на последиците од невремето што го зафати
градот Скопје, при што се вршеше подигнување на паднатите дрвја,
отстранување на лисјата, како и рачно и машинско метење на поголемите
улици и булевари во градот.

Исто така, беа реализирани и две интервенции за расчистување сообраќајни
површини по сообраќајните незгоди што викендов се случија во општините
Аеродром и Ѓорче Петров.