Герасимовски: Нова градинка на две нивоа вцртана во новиот ДУП за Крњево 2

Сподели

 

Нова градинка на површина од 312 м2 на 2 нивоа ќе добие Крњево 2 според новиот ДУП – кој го донесе општинскиот совет на последната 26 Седница.

Градинката ќе биде со развиена површина од 623 м2 на градежна парцела од 728 м2. Според важечкиот ДУП од 2012 година на оваа локација не е предвиден објект за здравствено социјална заштита – детска градинка иако бројот на жители е околу 7764 во двата дела на Крњево. Оваа градинка воедно би била и прва градинка во населбата земајќи го делот од Крњево 2 источно од Универзитетот, а западно од предвидената траса на бул. „Крушевска Република“.

„Измените коишто се направени во однос на важечкиот план имаат значително подобрување во новиот ДУП. Една од нив е новата градинка која ја планираме во Крњево 2 со која ќе го решиме горчливиот проблем на граѓаните. Години наназад жителите од овој реон децата ги носат на згрижување во градинки во соседните населби за што после 12 години конечно го донесовме новиот ДУП со кој ги скратуваме маките на родителите. Воедно новата градинка значително ќе ги намали и листите на чекање за упис во предшколските детски установи, а со градинката која ја планираме и во Маџир Маало ќе обезбедиме место за згрижување на сите дечиња во Центар“, вели градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.

Во новиот ДУП Градска четврт ЦС 07 – Крњево 2 предвидено е намалување и на станбената развиена површина споредбено со стариот план. Според актиелниот ДУП од 2012 година се предвидува домување за 4460 жители додека во новиот е намалена на површина која е соодветна за 2881, со што на државното неизградено земјиште се добива простор за повеќе јавни намени за граѓаните. Во однос на зеленилото, наместо 1 мал локален парк од 483 м2 во новиот ДУП се вцртани 4 мали локални паркови, на вкупна површина од 1624 м2.