Растат температурите, заштитете ги и храната и животните

Сподели

 

Со порастот на температурите се зголемуваат и потенцијалните ризици од појава на труење со храна. Високите температури најавени неделава се потенцијална опасност и за здравјето на животните доколку за нив, навреме не се преземат мерки за обезбедување на доволни количини храна и вода за пиење.

За да се спречи евентуална појава на труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор и нејзина набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување на храната. При купувањето треба да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување на храната, да се купува храна од проверени места каде има услови и каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди.

Да се избегнува да се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како што се месото, млекото јајцата и други производи да не се чуваат долго време во автомобили и во други транспортни средства. Да се одбегнува купување на разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач на почетокот на пазарењето.

За да се спречи расипување, разладената храна треба да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот пред консумација треба темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. Доколку по подготвувањето, храната не се консумира веднаш, таа треба да се чува во фрижидер до времето на сервирање. За да се спречи појава на труење со храна и на стомачни инфекции, неопходно е рацете да се мијат повеќе пати во текот на подготовката на храната. На најгорните полици во фрижидерот треба да се чува зготвената храна, а на подолните суровата. Да се води сметка храната да се заштити од инсекти и глодари кои храната може да ја контаминираат. Домашните миленичиња и другите животни да се внимава да не дојдат во контакт со храната што се подготвува.

Кога станува збор за консумирање на храна во угостителските објекти треба да се води сметка тоа да бидат оператори кои водат сметка за хигиената и безбедноста на храната и да имаат добра репутација. Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично.

ДОКОЛКУ СМЕТАТЕ ДЕКА ХРАНАТА НЕ Е БЕЗБЕДНА, НЕ РИЗИКУВАЈТЕ – ФРЛЕТЕ ЈА!

Сопствениците на домашни миленици мора да се придржуваат на неколку правила за да спречат несакани последици од топлотен удар. Милениците да не се оставаат во затворен автомобил кој е директно изложен на сонце, да се избегнуваат прошетки на домашните миленици во текот на најтоплиот период од денот. На животните да им се обезбеди доволна количина и постојана достапност до свежа и чиста вода, да се обезбеди престој во проветрени простории.

Порастот на температурите над 30 степени Целзиусови и за животните на фармите претставува голем стрес кој може да се манифестира со намалено консумирање на храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст.

Висок процент влага и недоволна вентилација во објектите може да биде причина за појава на топлотен удар кај животните, а сончаницата се појавува како последица на непосредно, директно изложување на сонце. Во двата случаи исходот може да биде фатален доколку не се делува на време. Напорната работа или транспортот на животните при високи температури, дополнително придонесува за влошување на состојбата.

Забрзано и плитко дишење, несигурно одење – (тетеравење), изразена зголемена телесна температура, забрзан пулс, исплашен поглед, зголемена жед, тикови и грчеви на мускулите кои се јавуваат на крај, со неповолна прогноза, се дел од симптомите по кои може да се препознаат топлотниот удар и сончаницата кај животните за што е неопходна итна реакција.

 

 

Во вакви услови животното треба да се смести во ладовина или во разладена просторија, каде има доволно количество на воздух, да му се даде доволна количина свежа вода. Телесната температура да се намали со туширање/прскање со умерено ладна вода, или со покривање на главата и вратот со ладна и влажна крпа, но, треба да се внимава ладењето на животното да не биде премногу брзо.

За да се обезбедат соодветни услови за животните при високи температури потребно е да се внимава и на населеноста (густината) на сместување на животните во објектите. Животните треба да бидат заштитени од директните дејства на сончевите зрачења, односно на испустите потребно е да има настрешници или природни ладовини. Излегувањето на животните да се врши во раните утрински или вечерните часови, периоди кога треба да се организира транспортот на животните или тие да се користат во работни активности, бидејќи тогаш температурите се пониски.